„Трансмутирани души“ – изложба на портрети од Филип Јовески во Прилеп

Во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп вечерва во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Трансмутирани души“ од Филип Јовески. Тој ќе се претстави со портрет, како еден од најстарите жанрови во историјата на уметноста.

-Иако на прв поглед портретот изгледа едноставно на слика на личност или луѓе, ако погледнеме внимателно и поставиме повеќе аналитички прашања, портретите можат да ни кажат многу повеќе како за субјектот, така и за уметникот. Аристотел рекол: „Целта на уметноста е да го прикаже не надворешниот изглед на нештата, туку нивното внатрешно значење.“ Тоа е уметност на доловување на физичка сличност, но и стремеж да се претстави духот и карактерот на поединецот во секој потег на четката – вели авторот.

Филип Јовески е наградуван мултимедијален трансдисциплинарен визуелен уметник и магистер по фини уметности, кој инспирацијата за своето творештво ја наоѓа во спојот на секојдневното и фантастичното, традиционалното и модерното, уметноста и технологијата, креативната перцепција и научното истражување. Неговите дела претставуваат код, симбол и дестилација на концепти и идеи, засновани на личното искуство во областа на визуелните уметности, архитектурата, културното наследство, скулптурата, филмот, анимацијата и дигиталната уметност.

Остварил уметнички студиски престои во Германија, Русија, Чешка и Англија. Реализирал самостојни изложби во Германија, Србија, Грција и С. Македонија, и учествувал на повеќе интернационални групни изложби, проекти, уметнички колонии и биеналиња. Член е на ДЛУМ, ДЛУБ и ДЛУП, а неговите дела се наоѓаат во јавни институции и приватни колекции во Северна Македонија, Германија и Англија.

Сподели