Тамара Котевска: Најмногу сакам, но и најдобро знам да раскажувам приказни од Македонија

Со „Приказната за Силјан“ си потврдив уште еднаш дека најмногу сакам, но и најдобро знам да раскажувам приказни од Македонија. Секогаш ме фасцинира кога наоѓаме реални приказни во земјава кои  истовремено личат на научна фантастика, рече Тамара Котевска за својот нов филм „Приказната за Силјан“. Филмот ја освои „Наградата на музата“ за најинспиративен филм на 82. Венециски филмски фестивал, а е и македонски кандидат за „Оскар“за 2026.

„Силјан“ е копродукција со американската компаија „Конкордија“ и британската „Корнершоп“. Во продуцискиот тим е и Жан Дакар, кој е кинематографер, Јорданчо Пековски и монтажерот е Мартин Иванов. Овој филм веќе ги собира сите честитки и пофални зборови на фестивали, но и на страниците на важни филмски списанија и медиуми.

Средбата со медиумите беше убава можност за екипата на филмот да раскаже повеќе детали за идејата, но и за згодите и незгодите со кои се соочувале за време на снимањето.

-Овој филм имаше тежок пат како „Медена земја“, во однос на неговото создавање. Создавањето буквално го почнавме со премногу мал тим и поминавме година дена без никакво сознание за какво било финансирање, со сопствена желба и финансии. Многу е често да се мисли дека после „Медена земја“, патот за филм е лесен и сакам да напоменам дека воопшто не е така. Секој филм почнува од ново и истата е битка а очекувањата се огромни, рече Котевска.

Бајката за Силјан, која е дел од нашиот фолклор, влегла подоцна во самиот филм и совршено се вклопила во филмот.

– Филмот е чиста опсервација на штрковите и на земјоделците. Ние сакавме да снимаме некој краток документарец, еколошки документарец за смената на патот на миграцијата на штрковите, бидејќи со сè поголемиот број на диви депонии, тие престануваат да мигрираат, остануваат да јадат тука и при тоа голем број од нив умираат. Кога го запознавме Никола и кога видовме дека и тој е човек во транзициона фаза и кога почна да работи на депонија, сфативме дека имаат сериозна криза со земјоделието. Си зададов огромен предизвик да ја најдам таа паралела“, изјави режисерката Тамара Котевска.

Таа објасни дека живееле неколку месеци во трејлер, снимале на местата каде има штркови, оделе од гнездо до гнездо.

– Ни требаше време да се зближиме со штркот, бидејќи се плашеа од дронот и беа заштитнички настроени, и почнавме да ги следиме од моментот кога ќе се испилат. Имавме и инцидент, минатата година дел од материјалот бил украден во вредност од 4 илјади евра. Додека снимавме на ниви во регионот околу Чешиново, каде што нема ни луѓе, некој селанец поминувал со камен го скршил прозорот, ни го собрал лаптопот и објективите. За среќа дронот го немаше земено, но доста квалитетен материјал го немаше. Беше многу тешко да продолжиме и истраеме во тоа, додаде Котевска.

Котевска на денешната прес-конференција, објаснувајќи го процесот на создвање на филмот, објасни дека имаат кадри од штрково „торнадо“, односно движење во круг на јато од стотици штркови. Се приближувале и влегувале до окото на некој штрк. Успеале да најдат соодветен тип на дрон кој може тоа да го направи.

Продуцентот Јорданчо Петковски напомена дека филмот настанал случајно, и при целото истражување учеле како е да се работи со штрковите.

-Во сценариото на филмот се најде штркот. Јас како продуцент првпат се соочувам со таков момент, сум снимал со мечки но штрк никогаш. Почнавме истражување за тоа како е да се работи со штрковите, што се значат штрковите, што би значеле во играниот филм и во тоа истражување почна една ваква приказна. Ни требаше година дена да дојдеме до финансиери. Тоа беше тешка година, кога не знаете ни дали да продолжите со снимање, дали да почекате, додаде Петковски.

Сподели