Со 143 милиони денари од капитални инвестиции на Владата ќе заврши целосната реконструкција на театарската зграда при Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, соопшти Министерството за култура и туризам. Во тек е електронската аукција по спроведената јавна набавка за избор на изведувач.
– Очекуваме реализацијата да започне веднаш по склучување на договорот, а завршувањето е предвидено до крајот на 2026 година. Куманово конечно ќе добие нов, современ театарски објект – достоен простор за културна продукција и уметничко изразување на високо ниво – велат од Министерството.
Реконструкцијата ќе опфати целосна внатрешна и надворешна санација на објектот, подобрување на енергетската ефикасност и пристапноста за лица со попреченост, засилување на конструкцијата, модернизација на големата сала и техничката опрема, реновирање на помошните простории и галерискиот простор. Гледалиштето ќе има 189 седишта во партерот, 35 на галерија и дополнителни мобилни трибини. Вкупната површина на објектот изнесува 1.191 квадратен метар.





