Во Градскиот парк во Скопје пред „Школка“ утревечер во 19 ќе почне Меѓународниот детски фолклорен фестивал „Оро без граници“. Манифестацијата ја организира Детскиот културен центар „Карпош“. Дефилето на учесниците ќе тргне во 18.30 часот од Центарот.
– Сите учесници ќе го формираат најголемото оро кое не познава граници, кое е симбол на пријателство меѓу децата. „Оро без граници“ е празник на градот кој широко ги отвора вратите на Европа и на светот и е амбасадор на културата. Фестивалот придонесува за зачувување и презентирање на традицијата и на културата и за промовирање на знаменитостите по кои е препознатливо Скопје – вели директорката Билјана Лалчевска-Серафимовска.
Меѓународниот детски фолклорен фестивал „Оро без граници“ своите почетоци ги бележи во далечната 1991 година. Годинава ќе се одржи по 34. пат. Фестивалот го организира Детскиот културен центар „Карпош“, а главен покровител е Град Скопје.





