„Трансформации – Flusso – Flux: 1998-2025“ е насловот на изложбата на Љупка Делева што ќе биде отворена вечерва во 20 часот во Чифте амам, во Старата скопска чаршија. Делева, по повеќедецениското живеење и творење во Венеција, пред скопската публика ќе се претстави со поставка која има ретроспективен и критички карактер. Куратор на проектот е д-р Ана Франговска, кустос-советник во Националната галерија.
-Изложбата е мултимедијален архив на нејзиниот творечки опус, вклучувајќи фотографии, видеа, перформативни акции, акварели, цртежи, интервенции и други визуелни експерименти. Голем дел од овие проекти за првпат се прикажуваат пред домашната публика, отворајќи простор за комплексна визуелна и концептуална анализа на трансформациите во уметничката практика – вели Франговска.
Проектот се занимава со трансформацијата на идентитетот низ призма на транснационалност, хибридност и постмиграциски субјективитет.
Делева (Скопје, 1970 година) живее и работи во Венеција од 2001 година. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 1994 година. Имала самостојни изложби во галериите CIX (1998) и Stepen (2001) и учествувала на групни изложби во Музејот на современата уметност во Скопје, Музејот на град Скопје, Културно-информативниот центар, Националната галерија на Македонија и други.





