Во барот „Олд скул“ во Скопје вечерва во 21.30 часот концерт ќе одржи Енес Беговски. Тој ќе ја спои моќта на перкусиите со убавината на поезијата, носејќи медитативни тонови, балкански призвуци и украинска поетска страст. Во тоа ќе му помогнат Валентин Френкел, украински музичар кој повеќе од една деценија живее во Црна Гора и Стефан Дивчов, познат тромбонист кој овојпат ќе се претстави во ново светло, како перкусионист.
Концертот ја носи идејата за спој на традицијата со современиот звук, на тишината со ритамот и на поезијата со музичката енергија.
Беговски е музичар и композитор чија работа опфаќа музика за театарски претстави и кратки филмови. Како мајстор на уникатниот инструмент хендпен, тој настапувал на бројни фестивали низ Балканот. Неговите последни проекти Expressions и Shid – комбинација од хендпен, електронска и традиционална музика во интеракција со поезија, беа реализирани во Хрватска и Црна Гора. Влезот на концертот е бесплатен.





