„Линиски одрази“ е насловена изложбата на цртежи од Филип Перески што ќе биде отворена вечерва во 20 часот во продажниот ликовен салон на Културно-информативен центар во Скопје.
Според Викторија Димеска, историчарка на уметност, Перески ликовно ги истражува бескрајните можности и начини со коишто инвентивно ги реконтекстуализира – линијата врз дводимензионалната површина и формата во тродимензионалниот простор.
– Неговиот цртеж и сликарство се одликува со спонтани искривени линии коишто асоцираат на органски и динамични облици. Во апстрактно-асоцијативните композиции доминира активниот однос и слободната креативна игра меѓу ликовните елементи во просторот: контраст и градација на линијата и бојата – вели таа.
Перески (1990, Прилеп) дипломирал во 2013 година на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на катедра за ликовна педагогија, насока вајарство во класата на професор Станко Павлески. Член е на друштвото на ликовни уметници Прилеп (ДЛУП). Моментално живее и работи како наставник по ликовно образование во Прилеп. Реализирал повеќе самостојни изложби и учествувал на многу групни претставувања.
Изложбата во КИЦ ќе биде отворена до 16 септември.





