Со „Гидионовиот јазол“ во рамките на „Ристо Шишков“ во Струмица, Драмски ќе ја започне новата сезона

Претставата „Гидионовиот јазол“ ја отвора сезоната на матичната сцена на Драмски театар Скопје на 9 септември во 20 часот, а веќе на 11 септември претставата се игра во Струмица во рамките на програмскиот дел на 33. издание на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“. Фестивалот годинава се одржува до 13 септември на сцената на Центарот за култура „Антон Панов“.

„Гидионовиот јазол“ на режисерката Драгана Милошевски Попова е претстава работена по текст на авторката Џона Адамс. Драматург на претставата е Викторија Рангелова – Петровска. Улогите толкуваат: Биљана Драгиќевиќ Пројковска, Ања Митиќ и децата од Студиото за актерска игра „Прва проба“: Саша Димитриевска, Леа Стојков, Мина Ѓаку, Ина Прокоповска, Катја Бешлиева, Бистра Стефановска, Јана Нешевска, Матеј Марковски, Јоанис Далајоргос.

Режисерката Драгана Милошевски Попова истакнува дека „претставата „Гидионовиот јазол“ е моќна и вознемирувачка приказна за вината, одговорноста, тагата и сложениот однос во комуникацијата, како и состојбите во образовниот систем, проблемите со кои се соочува детето низ периодот на детството. На училишна средба меѓу мајката Корин и наставничката Хедер, кој се случува по еден трагичен настан, преку деликатен, емотивно исполнет/напнат дијалог, се отвораат прашањата за детската креативност, слободата на изразување, за уметноста, за одговорноста на наставниците и за родителите, за социјалните мрежи, за врсничкото насилство, за осаменоста, преку кои постепено се разоткрива длабоката болка и се бара, па и се посочува можниот виновник“.

Авторката Џона Адамс е претставничка на новата генерација американски драмски автори. Таа е авторка на 20 драмски текстови во кои драмската структура ја гради преку исклучително јаки и богато нијансирани карактери и ги поставува во сложени меѓусебни психолошки ситуации. Друштвото на американските театарски критичари ѝ ја доделува наградата „Стинберг“ (Steinberg Award) за делото „Гидионовиот јазол“.

По одличниот прием на претставата „Гидионовиот јазол“ на матичната сцена, ова е втор настап надвор од земјата по учеството на фестивалот РУТА во Сараево.

Сподели