17. фестивал БОШ, во организација на Здружението на граѓани „Арт еквилибриум“ од Гевгелија, ќе се одржи вечерва и утревечер како дел од програмата на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“. Изложби, инсталации, филмови, промоција на роман, работилница за деца, видеопроекции, концерти и други содржини ќе бидат дел од програмата на овогодинешниот БОШ фестивал. Дводневната програма ќе се одвива во и пред Народниот театар, стариот Градски пазар и кафулето „У“.
БОШ скромно започна пред 17 години, во чест на прерано починатиот актер Бошко Бозаџиевски, и полека но сигурно прерасна во фестивал препознатлив на независната културна сцена. Бозаџиевски е роден на 25 март 1981 година во Гевгелија. Средното училиште го завршил во гимназијата „Јосиф Јосифовски – Свештарот“ во Гевгелија. Студирал на катедрата за Општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет Блаже Конески – Скопје, а дипломирал на Факултетот за драмски уметности, исто така во Скопје. Играше во неколку претстави, како и во првата македонска догма, филмот „Боли ли?“ на Анета Лешниковска.
Во услови каде што независната култура често се смета за „бош работа“, фестивалот со секоја измината година го докажува спротивното – тој е процес на создавање, на типично различен, извонреден и неконвенционален, јавен простор… Простор, кој постојано се редефинира низ урбаните уметности, или соодветно, уметностите во урбан контекст… Простор, кој е уникатен и доволно опиплив, динамичен и пулсирачки, провокативен и/или контроверзен… Но, пред сè, отворен и достапен за сите!





