„Македокс“: Филмовите се направени за да се гледаат, денес мастерклас со Хуберт Зауфер, номиниран за „Оскар“

Проектите „Солар синема“ и Патувачкото кино на „МакеДокс“ беа промовирани вчера на првиот мастерклас како дел од програмата на „Македокс“. Денес следува вториот мастерклас во 11 часот на истата локацијал, со наслов „Радикален минимализам во ’светската кинематографија‘“, а ќе го одржи Хуберт Зауфер. Во последните три децении, режисерот, снимател и сценарист Хуберт Зауфер има создадено документарни филмови кои стекнаа светско признание и беа повеќекратно наградени на фестивали, како Венецискиот, „Берлинале“, „Санденс“, а филмот „Кошмарот на Дарвин“ беше номиниран за Оскар за најдобар документарец.

Проектот „Солар синема“ го претстави Морин Принс, режисерка, монтажерка и продукциска дизајнерка од Холандија. Кариерата почнала да ја гради снимајќи независни кратки филмови и усовршувајќи се во употребата на филмот како
алатка за општествена промена и подигање на свеста. Водена од пасијата да го демократизира киното така што ќе ѝ овозможи пристап на секоја публика, во 2006 година го основа првото „Соларно кино“ во Холандија, подвижно кино кое во целост ја напојува својата опрема само со сончева енергија и така ги носи филмовите во културно најсиромашните области во светот.

– Филмовите се направени за да се гледаат – истакна Морин Принс на мастеркласот во Скопје.

Така, во 2009 година ја основала фондацијата „Солар ворлд синема“ со цел да го рашири концептот во странство и да создаде бесплатно достапен дигитален сет алатки за да инспирира и други да основаат кино на сончева енергија. Денес во светот има 12 вакви кина кои ја формираат Мрежата на соларни кина, а со мрежата се опфатени држави како Холандија, Бразил, Перу, Непал, Чиле и други.

Патувачкото кино на „МакеДокс“ го претстави Дарко Набаков, извршен директор на фестивалот. Патувачкото кино оваа година го реализираше своето 16. издание, посетувајќи го Кочани и приредувајќи проекции на документарни
филмови на летната сцена пред Домот на културата. Во изминатите 16 години Патувачкото кино има посетено над 160 помали места низ целата држава, а во рамки на јубилејното 10-то Патувачко кино имаше проекции на филмови и во
соседна Албанија.

– Покрај проекциите на документарни филмови, идејата на Патувачкото кино е да оствари комуникација со локалното население и на тој начин да се случи размена на искуства со екипата на „МакеДокс“ – објасни Набаков.

Сподели