Луѓе против животни: Дали сме толку различни?

Филмот „Неживотински“ (Unanimal 2025) ќе биде прикажан на 28 август во 20.30 часот, пред Куршумли ан во рамките на 16. „Македокс“.

Пишува: Марија Лукаревска, Гледај.мк

Што ако луѓето не се понапредни суштества? Што ако сме само еден дел од животните кои живеат на планетава? Што ако границата помеѓу луѓето и животните постои само во нашата свест? „Неживотински“ (Unanimal 2025) е документарен филм во француско-шведска копродукција кој не се обидува да даде одговор на овие прашања, туку само ги поставува со речиси наивен тон, како дете кое се обидува да одгатне зошто небото е сино или зошто не може да чува полжав како домашен миленик.

Режисерките Тува Бјорк и Сали Јакобсон на многу суптилен начин ја истражуваат врската помеѓу луѓето и животните, не со цел да осудат некого или да одржат лекција, туку за да го поттикнат гледачот да размисли за соживотот што го гради со сите живи суштества на планетава. Тие одбираат тишина наместо дидактика. Тие набљудуваат наместо да провоцираат. Кој кого гледа и кој кого разбира? Дали мачката што се пораѓа го гледа „својот човек“ како нејзин сопственик или како еднаков член на нејзиното семејство кој е тука за да ѝ помогне да донесе на свет здрави мачиња?

Дали начинот на којшто мајмунката го милува својот подмладок се разликува од начинот на којшто мајката човек му искажува нежност на своето дете? Можеби животните чуваат своја сопствена тајна која ние упорно се обидуваме да ја преведеме на „нашиот“ јазик. Можеби тие знаат повеќе за нас отколку што ние знаеме за нив.

За да ги прикажат своите идеи, Бјорк и Јакобсон ги носат гледачите во домовите на луѓе кои чуваат миленици, во музеи, зоолошки градини и на фарми, каде што релациите меѓу луѓето и животните се разликуваат, но намерата е иста: градење соживот. Камерата е во функција на набљудувач, кадрите се чисти и едноставни, а за динамиката на филмот придонесуваат моментите кои се снимени од перспективата на животните, што служи како потсетник дека и тие нѐ набљудуваат нас, а не само ние нив.

Ефектноста на целата приказна ја засилуваат црно-белите архивски материјали кои прикажуваат значајни историски моменти од врската помеѓу човештвото и животинското царство. Особено впечатлив е делот кога на екранот може да се видат снимки од експерименти што се вршеле врз животни низ годините, додека нарацијата во заднина раскажува за експеримент што се вршел врз луѓе, сугерирајќи дека, сепак, не сме толку различни. Покрај тоа, документарецот поентира со филозофскиот експеримент на Жак Дерида за чија цел тој застанал гол пред својата мачка – две суштества во нивното најприродно издание, а сепак, само тој чувствувал срам поради својата голотија, нешто што тој го нарекол една од најсуштинските разлики меѓу луѓето и животните.

Смирениот глас на актерката Изабела Роселини служи како сврзно ткиво помеѓу сите овие идеи. Таа ја носи нарацијата со дискретна мудрост – не како учителка, туку како доверлив пријател што раскажува приказна. Таа внесува топлина таму каде што филмот е студен и лесна иронија таму каде што темата станува премногу тешка. Текстот што таа го пренесува по сценарио на режисерките постојано потсетува дека животните не се „другите“, туку огледало што ги демаскира луѓето.

Ненаметлив и без непотребни украси, „Неживотински“ е документарен филм што не се консумира наеднаш, туку трпеливо се впива. Тој ја комбинира минималистичката естетика со етиката на суптилен начин, обидувајќи се да ги разбере корените на постоечките граници помеѓу човечкото и животинското и да истражи дали тие навистина се потребни или служат само за да му понудат лажна супериорност на човекот над другите живи битија. Вистинска интелектуална провокација што бара внимание и подготвеност за размислување.

Сподели