Македонско-германска соработка за унапредување на археологијата

Унапредување на стручната и научната афирмација на археолошките откритија на античкиот град Скупи преку примена на современи методолошки принципи, обработка на материјални докази и нивна промоција во меѓународен контекст ќе бидат дел од придобивките од Меморандумот за соработка што вчера го потпишаа министерот за култура и туризам Зоран Љутков и д-р Лукас Вертер од Германскиот археолошки институт.
Посетата на Вертер на Македонија е резултат на повеќегодишната соработка на Музејот на град Скопје и директорот Панче Велков со Германскиот археолошки институт. Вертер и Велков вчера потпишаа документ меѓу Музејот на град Скопје и Римско-германската комисија при Германскиот археолошки институт, со што се нјавени и првите конкретни чекори во долгорочната планирана соработка.

Љутков рече дека се отвораат нови перспективи за нашите јавни музејски и научни установи, кои преку посебни договори ќе имаат можност да воспостават партнерства со оваа реномирана институција и да реализираат заеднички археолошки истражувања. Особено е важно што интензивната комуникација со Римско-германската комисија при Германскиот археолошки институт, кој е под надлежност на Федералното министерство за надворешни работи на Германија ќе овозможи размена на искуства, знаења и методологии на еднакво партнерско ниво.
Истовремено, соработката ќе придонесе за развој на културниот туризам како една од стратешките насоки на европската културна политика во 21 век, со што археолошките локалитети ќе добијат нова димензија – како научни, но и како туристички атракции.

Сподели