Со долгометражното деби „17“, Косара Митиќ учествува на CineLink Work in Progress во Сараево

Најновиот проект за игран филм на „Црна мачка продукција“ со наслов „17“, долгометражно деби на режисерката Косара Митиќ учествува на CineLink Work in Progress, во рамките на Деновите на индустријата на 31. Сараевски Филмски Фестивал што е во тек деновиве. Оваа програма ги претставува највозбудливите проекти во фаза на продукција или постпродукција од Југоисточна Европа и МЕНА регионот пред професионалци (претставници на фондови, продажни агенти, дистрибутери, телевизии и фестивалски селектори) од сите страни на светот, со цел да се помогне нивното довршување и понатаму нивната дистрибуција.

„17“ жанровски се дефинира како coming-of–age филм. Инспириран од вистински настан, обработува тема посветена на младите во нивните критични тинејџерски години, кога се најранливи и под постојан притисок да се вклопат во средината и кога донесените одлуки може да остават длабока трага во нивните животи.

Покрај Косара Митиќ, која е режисер и косценарист на филмот, свој авторски придонес имаат и Огњен Свиличиќ – косценарист, Наум Доксевски – кинематографер, Дејан Ѓошевски и Александра Чевреска – сценографи, Жаклина Крстевска – костимографка, Карла Лазиќ и Анѓела Стојановиќ – шминка, Владимир Павловски – монтажер и Аљаж Лукан – снимател на звук. Продуцент е Томи Салковски, а копродуценти – Мирослав Могоровиќ, Владо Булајиќ и Лија Погачник.

Улогите ги толкуваат: Ева Костиќ, Мартина Даниловска, Ева Стојчевска, Петар Маниќ, Ирена Димеска, Луна Бејков, Христијан Ристески, Алина Христовска, Даме Јовески, Јован Тодоров, Мина Јелушиќ, Тодор Стојковски, Иво Јездиќ, Ана Стојановска, Жаклина Стевковска, Сашко Коцев, Александра Пешевска, Оливер Митковски.

„Црна мачка продукција“ го реализира „17“, во копродукциска соработка со „Арт&Покорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија, со поддршка од македонската Агенција за филм, Филмскиот центар на Србија и Словенечкиот филмски фонд, и со екипа од професионалци од трите земји копродуценти. Снимањето се одвиваше пролетта минатата година, на локации во Скопје и Битола. Проектот е во завршна фаза на постпродукција, а учеството на CineLink Work in Progress е негово прво претставување пред филмската професионална јавност.

-Изборот вклучува широк спектар на стилски и жанровски пристапи, како и приказни кои се длабоко лични и со моќен социјален одек. Многу од избраните филмови ја истражуваат комплексноста на човековата природа и кршливоста на општествениот консензус, како и тензиите меѓу колективните очекувања и личните грижи. Она што ги поврзува овие филмови е заедничката чувствителност кон нијансите на меѓучовечките односи, меѓу генерациите, поединците и заедниците. Во нивната суштина е силната потреба да се разбере другиот, да се афирмира достоинството и да се истражи отпорноста на поединецот и заедниците соочени со насилство и нееднаквост. Заедно, овие филмови ветуваат возбудлива и стимулирачка година што претстои, со приказни кои ќе резонираат со широка и разновидна публика – информира Фестивалот за селектираните осум играни и три документарни филма.

Сподели