Стихови огледало

Пишува: Александра Јуруковска

Кон „Записи на идниот старец“ од Братислав Ташковски, издание на Макавеј, 2025

Најновиот поетски ракопис на Братислав Ташковски носи сигнификантен наслов „Записи на идниот старец“, а оттука и побуда и поттик за брз прочит и слоевито толкување. Искусен, искален во стихот и во Зборот, Ташковски негува една лична поетика на вгледување во себеси, пристутна речиси во сите негови книги. Она по што „Записи на идниот старец“ колку што се надоврзува, толку и се издвојува од неговите досегашни стихозбирки, е силното и експлицитно
соочување со зрелоста, староста, со моментот на сумирање на она што останува зад нас. Така првиот циклус со наслов „Временски забелешки“ носи созерцание преку остри стихови огледално свртени кон поетското Јас:

Ги навлекувам чизмите за снег
А надвор е април испрскан со цветови.
Се гледам стегнат во мала тупаница
(Лудило, Претпоставки)

Стиховите се егзистенцијалистички, интимистички, со силен исповеден тон, со белешки за себеси и кон себеси, небаре пишувани по долго читање на една книга – онаа најважната, најсилната, чии приказни се листаат најбрзо – животот. Стиховите се и огледало во чие гледање не е исклучена можноста да се насети и болка: Не се минува низ стакло/ Без да прокрвариш (Огледало).
Притоа, во таа Книга-живот, чиј жанр е веројатно хибриден, повторно, сосема препознатливо за неговото поетско писмо, најсилен мотив/столб е Песната. Зашто Ташковски е од оние поети кои дишат со и за Песната:

Ќе те држи песната, кревкото тело
И законот на љубовта.
Сè додека не те симнат од крстот.
Дотогаш слави го животот!

Песната е и радост и тага и Крст и Распетие и сеќавање. Песната е и утеха и повторно раѓање. Затоа насловната песна „Записи на идниот старец“ завршува со стиховите:

Затоа писателе
Сеќавај се додека можеш
И пишувај да не заборавиш
Како се родила песната.

Како и во претходните стихови, и тука се насетува расположение коешто не е целосно меланхолично, има повремени изблици на радост, на поука, на профетски искази, но и на длабока автореференцијалност и автопоетичност. Вториот мотив-столб на оваа стихозбирка е генерациската припадност, повторно поттикната од промената, од зреењето, од гледањето на животот од поголема животна и временска дистанца, од чувството на минливост. Неслучајно една од песните се вика Memento mori (Сети се дека си смртен – слоб. превод).

Во еден стих поетот вели: Времето ќе го заврши распнувањето/ А мене ќе ме нема во кругот. Повторно длабоко и отрезнувачко пеење за минливоста, но и поттик да се испејат и забележат луѓето и нештата што вреди да останат во Песната, како на пример пријателите или заборавените македонски поети кои умреа со верба во поезијата, како во песната „За заборавените поети“. Во циклусите од „Записи на идниот старец“ има и поднаслови и фусноти од патувања и впечатоци, заробени мигови во некои нотеси, кои поетот сега одлучува да ги пушти од поетската зандана.

Има и мали филозофски трактати за светите книги, за трансформациите на единката и на светот, за вечната борба на Доброто и Злото. Токму во овие стихови се настува доза иронија и самоиронија како контратежа на меланхолијата од претходните песни.

Тука се и поетските согледувања за Земјата, родината, сопствениот народ/племе и тревожниот стих – кон каде оди нашиот брод? Ташковски (и сега) пишува родољубива и патриотска поезија ослободена од патетика и вознесувања, а натежната со прашања и предупредувања.

„Записи на идниот старец“ е слоевит поетси ракопис со бројни и повеќенасочни читања, со стихови за долги паметења, со висока естетика и поетска ерудиција.

Сподели