Фоајето на Центарот за култура во Битола повторно го исполнија бои, светлина и приказни синоќа, на отворањето на 13. фотографска изложба „Со љубов од Битола“. Оваа година, објективите беа насочени кон битолските порти, како симболи на минатото и чувари на градската душа. Изложбата е дел од годишната програма на Центарот за култура, а е финансиски поддржана од Министерството за култура и Општина Битола, во рамките на манифестацијата „Бит-Фест 2025“.
Признанието за највпечатлива фотографија го понесе Марија Дојшовска со својата „Староградска порта“ – кадар кој ја раскажува приказната на времето и сеќавањата. Второто место му припадна на Давид Козаров и фотографијата „216“ која плени со својата визуелна провокативност и мајсторијата во изработкaта, додека третата награда ја освои Викторија Стојковска со „Вдахнување“ – фотографија која внесува тивка свежина и топлина.

Изложбата носи 33 фотографии што ја доловуваат магијата на битолските порти. Од нив, 30 се креации на учесниците на конкурсот – секоја фотографија носи свој поглед, своја приказна и свој детаљ од неповторливиот шарм на портите во градот. Стручното жири, во состав Димитар Чунговски, Кети Талевска Бакревска и Диоген Хаџи-Коста Милевски, внимателно ја направи селекцијата, а и самите тие се претставуваат со по една своја фотографија, збогатувајќи ја оваа изложба со својот личен печат.
Освен паричните награди, беа доделени и три пофалници на автори кои со својот објектив умешно ја доловија убавината и духот на битолските порти, оставајќи печат на ова издание на изложбата.
Изложбата за отворена ја прогласи директорот на Центарот за култура, Сашо Илковски, кој во своето обраќање истакна дека „Со љубов од Битола“ не е само изложба – тоа е своевидна ризница на спомени и емоции, дигитална библиотека која ја чува и раскажува душата на нашиот град.“

– Со ова докажуваме дека Битола, со својата историја, архитектура и дух, е непресушен извор на уметноста – инспирација за сите кои знаат да гледаат и чувствуваат. Ве поканувам да ги разгледаме заедно „битолските порти“ и посакувам да продолжи оваа традиција и во иднина, за „Со љубов од Битола“ да остане жив мост меѓу уметниците, фотографијата и нашиот град – рече Илковски.

Присутните ги поздрави координаторот на проектот и член на жирито, Диоген Хаџи–Коста Милевски. Тој сподели дел од процесот на одлучување на жирито, истакнувајќи колку тешко било да се изберат најдобрите меѓу толку многу квалитетни фотографии.
– Со искрена благодарност до сите учесници и гости за поддршката, Милевски нагласи дека изложбата, според бројот на учесници, испратени и изложени фотографии, го надминала секое претходно издание, поставувајќи нови рекорди и стандарди за иднината.





