По 18 години повторна креативна средба на првите учесници на Графичка работилница „Софија“

Осумнаесеттата сесија на графичката работилница „Софија“ ќе се реализира од денес во печатницата „Софија“ во Богданци. Броевите 1 и 8 годинава го сочинуваат стабилното и бесконечно полнолетството на графичката работилница „Софија“ од Богданци. Оваа година ќе учествуваат првите уметници кои во 2007 како студенти учествуваа на првата Графичка работилница Софија, а тоа се: Сања Жигиќ, Данило Вуковиќ, Трајче Павлов, Викторија Иванковска, Виктор Семенпеев и Ана Димчевска Семенпеева, Камелија Србова.

– Не е едноставно Македонија да се обележи на интернационалната карта на ликовната уметност како дестинација, но ете семејството Семенпееви по 18. пат докажа дека јужната истрајност и упорност можат да вродат со плод. Не само затоа што сонцето свети најсилно во Богданци, ами дека богданчани се навистина посветени и тврдоглави уметноделци на бесконечното поле на уметноста. Сировиот талент е семе кое треба да се посади, да се негува да порасне за еден ден да даде зрел плод, така овие неуморни мецени упатија; пораснаа и запознаа со нови техники и технологии многу млади графичари од Југоисточна Европа, но несомнено и од светот – велат организаторите.

Годинава Графичката работилница Софија е со малку поразлична, празнична програма, оваа година работилницата е ликовна тезга на која некогаш посадените млади семиња а денес веќе плодородни зрели ликовни растенија своите плодови ќе му ги понудат на светот.
-Секако како и секоја година и оваа година имаме и нова гостинка а тоа е авторката Ни Таи од Виетнам како и Дамјан Ѓеоргиевски кој живее и твори во Финска. На завршната изложба, покрај новите дела од овогодинешната полнолетна колонија ќе бидат изложени и делата со кои нашата работилница ги направи своите првите чекори кон светот. Односно ќе изложиме диптих од сите автори, од нивните дела кои биле на првата и овогодинешата работилница. Изложбата ќе го носи насловот „Тогаш, сега и засекогаш” – велат од работилницата.

Сподели