Македонска премиера на „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна…“ на Охридско лето

По премиерата и четирите изведби на 39. фестивал „Град театар“ во Будва, каде што публиката со големо воодушевување ја пoздрави претставата „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“, Драмски театар од Скопје ќе гостува на Охридско лето в недела (17 август) во 21 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“. Режијата е на реномираниот хрватски автор Иван Пеновиќ, а текстот е на еден од најзначајните драмски писатели во регионот – Душан Јовановиќ. Претставата е четирипартитна копродукција на Драмски театар Скопје, Белградско драмско позориште, Местно гледалишче Љубљана и „Град театар“ Будва, создадена во чест на петгодишнината од смртта на авторот.

Во програмската белешка се вели: „Ова е текст од раниот драмски опус на Душан Јовановиќ, напишан во формата на комедија дел арте во 1972 година, во период на бурни историски движења и под влијание на ‘Сексуалната револуција’ и ‘Пролетта од 1968’. Претставата пулсира со живата еротика, младост и незаситна страст, но меѓу редови се насетува и празнината и суетата на општеството кое трча по уживање“.
Претставата по премиерата на 10 август беше изведена уште трипати на летната сцена во комплексот „Словенска плажа“ и секоја изведба наиде на искрен прием од фестивалската публика, која ја наградуваше екипата со долги аплаузи за енергичната изведба, актерската игра и исклучителната сценска атмосфера.

Преводот е на Соња Должан, сценографијата – на Лазе Трипков, костимографијата – на Александар Ношпал, музиката – Владимир Пејковиќ, а сценските движења – на Дамир Клемениќ.

Актерската екипа од четирите уметнички куќи од регионот ја сочинуваат: Лазар Христов, Јулита Кропец, Марко Гверо, Соња Стамболжиоска, Лазар Николиќ, Вукашин Јовановиќ, Нејц Језерник, Марјан Наумов, Јована Спасиќ.

Сподели