Александар Русјаков: Jас не можам да ги научам да пишуваат, можам само да им ја разбуричкам фантазијата

Годинава имавме две премиери од минатогодишната работилница на „Преку езерото“ во Дојран. Два одлични кратки филмови. Третиот е во завршна фаза на постпродукција. Успехот од овогодинашнатаработилница се надевам дека ќе се случи следната година, вели Александар Русјаков, кој им беше ментор на неколкумина студенти кои ги прават своите први обиди за да напишат сценарио, а и да реализираат филм.Фестивалот во Дојран заврши вчера. Токму во рамките на 4. издание на Фестивалот на балкански и медитерански филм беа прикажани два краткометражни филма што беа создадени минатата година.

– Студентите и дебитантите ги презентираат своите проекти. Потоа сите заедно нуркаме во длабокото, сè дури не ги затвориме сценаријата. По тој процес, тие влегуваат во продукција каде што им е сè обезбедено за да создадат професионално филмско дело. И оваа година имаме исклучително интересни приказни – објаснува Русјаков.

Наскоро ќе биде готов и третиот краток филм што лани се подготвуваше на работилница. Инаку, Русјаков веќе две години работи со млади луѓе и во библиотеката „Браќа Миладиновци“, а од септември ќе ја започне и третата.

– Издадовме една книга, а наскоро ќе излезе од печат и втората. Работата со млади, креативни луѓе, вљубени во уметноста, идни творци, е животна радост. Таа работа просветлува. Не самото пренесување на знаење, туку нивната творечка сила. На сите им велам дека јас не можам да ги научам да пишуваат, творат, никој не може. Јас сум тука само да
им ја разбуричкам фантазијата и да ги малтретирам да работат, работат и работат. На себе и на својата уметност. Талентот веќе им е даден, тие само мора страсно да ја обработуваат креативната почва – вели Русјаков.

Ги прашавме и студентите, какво искуство е ова за нив.

За Филип Волкан, студент на ЕСРА, предизвик е да учи и надвор од студиите. За свој успех ќе го смета тоа што го прошири знаењето на филмот, воопшто.

– Сметам дека и други фестивали треба да се охрабрат да обрнат внимание на нас студентите – вели Волкан.

За Леонид Велковски, ваквите работилници претставуваат можност да се споделат филмски идеи кои би се развиле во добри и издржани сценарија.

– Преку работилницата ние студентите го споделуваме нашето искуство и знаење и со помош на менторот доаѓаме до различни заклучоци кои би можеле да ни помогнат во понатамошното творење. За свој успех на крајот ќе ја сметам добро напишаната приказна. Сметам дека филмските фестивали во Македонија обрнуваат внимание на студентите преку организирање на различни работилници, но сметам дека поддршката на студентите од страна на фестивалите треба уште повеќе да се засили – вели Велковски.

Сподели