Најдобар филм на 9. „Дрим шорт“ во Струга е „О“ на Рунар Рунарсон. Тоа е филм кој се издвојува поради длабочината на приказната, мајсторската режија, беспрекорната актерска игра и впечатливата фотографија. Целосно заокружено филмско остварување во секој поглед – не само технички, туку и емотивно, филм кој не те остава рамнодушен – истакна четиричленото жири, во состав Никола Ристановски, Јелена Јованова, Гуидо Казале и Бранко Ристовски.
Најдобар филм во регионалната програма е „Треба да зборуваме за Дилан“ на Умут Шилан Огурлу. Филмот „Невидлива сестра“ на Нели Рајала е најдобар во студентската програма на „Дрим шорт“. Најдобар филм во регионалната програма е „Треба да зборуваме за Дилан“ на Умут Шилан Огурлу.

– Сатирична краткометражна драма во форма на мокументарец – единствен по својот стил и се издвојува поради силниот сатиричен пристап – вели жирито.
Најдобар филм од Националната програма е „Мала шега“ на режисерот Трифун Ситниковски.
-Прекрасен расказ адаптиран на современ начин, кој одлично функционира во контекстот на приказната. Иако се работи за стар мотив, авторот умешно го поставува во денешно време, преку тинејџерски ликови, зборувајќи за нешто навидум едноставно – љубовта. И покрај тоа што во филмот играат натуршчици, режисерски е постигнато врвно ниво на актерска игра – стои во образложението.
Специјално признание во македонската категорија доби филмот „Зајак“ на Ханис Багашов, „поради зрелоста што авторот ја прикажува во пристапот кон сценариото, но и режијата.“
Во категоријата „Соочување со минатото“, најдобар филм е прогласен „Човекот кој не можеше да молчи“ на Небојша Сљепчевиќ.

Бранко Ристовски, член на жирито на фестивалот
-Ова е филм што ја прикажува војната без директно да ја прикаже војната – со суптилен и зрел пристап, кој остава длабок впечаток. Филм кој што ја одбележа годината.
За најдобар филм од публика беше изгласан филмот „Остров“ на Бранко Костески.
На 9. „Дрим шорт“ беа прикажани 29 филма во 6 категории, работилница за филмска критика „Соочување со минатото“, мастер-клас со Никола Ристановски, филмска програма во рамките на катчето за Виртуелна реалност, мастер-клас со реномираниот директор на фотографија Флоријан Хофмајстер, еко-филмска програма во соработка со Еко-свест и Холандска вечер во соработка со фестивалот „Гоу шорт“.
Фестивалските вечери се заокружуваа со музичка ОФФ програма со диџеј сетови на Андреја Салпе, Чима и Андреј Мицајков.





