Во Амфитеатарот во Дојран синоќа и свечено беше отворен Фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“. На актерот Лазар Ристовски му беше врачена наградата „Мето Јовановски“ за високо достигнување во уметноста на филмот, која фестивалот ја доделува по втор пат, а беше прикажан филмот „Кога летото ќе заврши“ на Данис Тановиќ, како и краткиот дебитантски филм „Боја на темнината“ на Кристијан Костадиновски – филм поддржан од работилницата за развој и продукција на дипломски и дебитантски краток филм „Нови бранови“.
По проекцијата беа прикажани филмовите од кусометражната селекција: „Растојанието помеѓу нас“ на Лео Фонтен, (Франција) ,„Бланш“ на Јоана Ракотариса (Франција) и „Затемнување“ на Ахмед Елзогби (Египет).

– Среќен сум што сум овде вечерва, Срцето ми е полно. Ја чуствувам вашата љубов вечерва и верувајте дека искрено и на ист начин ви се заблагодарувам на дочекот на големиот аплауз и на искреноста. Драго ми е што ја добив оваа награда која го носи името на големиот актер Мето Јовановски и благодарам што вечерва и тој е со нас на еден симболичен начин. Сметам дека ваквите фестивали се мошне важни. И јас сум основач на еден ваков фестивал во моето родно место и знам колку е важен за средината и за луѓето кои живеат таму и кои доаѓаат таму. Дојран е туристичко место каде доаѓаат луѓе од сите страни и за нив многу значи. Фестивалите се можност за луѓето кои вообичаено не одат во кино, да дојдат и тука да ги видат филмовите, рече Ристовски кој се заблагодари за доделената награда и посака и следните години да доаѓа во Дојран на „Преку езерото“ како гостин и гледач.
Наградата на лауреатот му ја врачи градоначалникот на Дојран, Анго Ангов кој истакна дека му е голема чест и задоволство што токму Дојран е домаќин на фестивалот „Преку езерото“, а ја лауреатот говореше директорот на фестивалот, Јани Бојаџи.

– Драги мои, да не ве разочарувам, но морам да ви кажам нешто во доверба. Мене, исто во доверба ми го кажа Дедо Мраз, кога преправен во актер со име Лазар и презиме Ристовски ми рече дека на крајот од дваесетиот и почетокот на дваесет и првиот век го сретнал Дедо Ное и му рекол дека мора да му каже – без го разочара дека: Иднината е подеднакво заебана како и минатото. Ете така?! Верувале вие или не, тоа не се реплики од филм, туку реченици од животот кој за себе си кажува дека е филм. За мене и за мојата генерација Лазар Ристовски беше еден од оние соништа во кои на крајот од сонувањето не разликувавме што е сон а што вистина? Што е минато а што иднина? И што е, извинете на репликата, „позаебано од двете? Припаѓам на она генерација на вљубеници во филмот во Југославија кои од актерот Лазар Ристовски сме се учеле за тоа што е филм, што е актерство и уште повеќе што е високо актерско достигнување! Се учевме и паметевме, треперејќи над секоја негова пауза, над секоја тишина, над секој кажан и некажан збор со сила на времето што одминало. Но за среќа и со силата на времето кое допрва доаѓа! Лазар Ристовски ја има таа ретка моќ со јазикот на актерството денеска да збори како да е вчера, за настани што можеби ќе се случат утре. А некои од неговите актерски достигнувања можат да се наречат и пророчки! – рече Бојаџи и му се заблагодари на „мајсторот на филмот Лазар Ристовски кој со своето актерско, но и човечко достигнување направи во светот на филмот соништата на илјадници деца, илјадници тинејџери, илјадници студенти, а подоцна илјадници филмаџии по овие балкански и медитерански светови на сонот да создаваат свет составен одприказни за тоа како се расте, како се живее, како се страда, како се љуби, и како се создава свет на идеали, свет на совршената причина да постоиме и да создаваме свои соништа во форма на подвижни слики!

Претседателката на советот на фестивалот, Мими Ѓоргоска Илиевска во своето поздравно обраќање истакна дека филмските фестивали од одредена точка на гледање претставуваат добро осмислена културна акција, која може да ефектуира посакувани резултати, најмногу на среднорочен или долгорочен план, нешто што со сигурност можам да го потврдам како главна определба на Фестивалот „Преку езерото“.
– Овие четири години создаваме Фестивал со единствена цел да биде привлечен за публиката во кој преовладува моќта на меѓусебната доверба на сите чинители вклучени во реализацијата на истиот. Нашата поставена цел е преку Фестивалот „Преку езерото“ да креираме најповолна можна слика за Македонија и таа перцепција да се одомаќини, да создаде емоција и да ги зближи и вмрежи балканските и медитеранските кинематографии. Минатогодишното издание на филмскиот фестивал „Преку езерото“, јавноста и публиката го нарекоа откритие на Балканот и Медитеранот. Оваа година нашата амбиција е да се етаблираме на мапата на културни настани во Македонија како еден од најважните летни фестивали. Дополнително, одгласот на Балканот и Медитеранот нè охрабрува да го претвориме Дојран во водечка културна и туристичка дестинација во овој дел од регионот – рече Ѓоргоска Илиевска.
Вечерва ќе биде прикажан филмот „Меѓу боговите“ во режија на Вук Ршумовиќ, со Никола Ристановски. Ќе биде прикажан и краткиот филм „Езеро“ на Софија Христовска и „Мир во умот“ во режија на Александра Кардалевска и
„Заменска девојка“ од Онур Гулер.





