Интердисциплинарниот и мултимедијален фестивал „Културен амалгам“ ќе започне вечерва во 20 часот во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово. Фестивалот ќе биде отворен со „Фотосинтеза“ – ревијална изложба на алтернативни фотографски техники . Ќе биде прикажан и документарниот филм за Јанаки и Милтон Манаки „Манаки – Приказна во слики“ на Роберт Јанкулоски (2017/2018).
Изложбата е резултат на соработката помеѓу фотоклубот „Ирис“ и Меѓународниот фестивал на алтернативна фотографија „Зрно“. Фотоклубот „Ирис“ е основан во 1958 година во рамките на Студентскиот културен дом во Темишвар, Романија. Оттогаш, тој претставува простор посветен на љубителите на фотографијата, каде што креативноста и традиционалните техники се среќаваат со ентузијазмот на новите генерации. Секоја година, членовите на клубот организираат практични работилници за аналогна фотографија и експериментираат со историски фотографски техники како што се цијанотипија, вандајк, гумоил или гум-бихромат. Ќе бидат изложени дела на 40-ина автори.
Филмот „Манаки – Приказна во слики“ ја прикажува фотографската работа на Јанаки и Милтон Манаки, првите балкански кинематографери. Со текот на годините браќата Манаки се митологизирани, а додавањето на нови и непотврдени информации со цел да се зголеми нивната важност е непотребно и штетно, бидејќи нивното творештво и онака е од големо културно значење не само во Македонија, туку и во поширокиот балкански контекст. Поради оваа причина, секој факт и мислење презентиран во филмот се внимателно истражени и потврдени со презентирани артефакти. Приказната се раскажува преку оригинални документарни фотографии следејќи ја нивната работата од отворањето на првото професионално студио во 1898 година во Јанина и подоцнежното селење во Битола, сега познат како град на браќата Манаки.
Во својата основа фествалот „Културен амалгам“ има за задача да отвори врати кон коренита децентрализација на културата во Македонија преку поставување темели на соработка во различни средини и низ различни градови. Соработката преку овој меѓуинституционален и мултимедијален проект треба да постави темел за нешто што во иднина може да се аплицира низ различни градови во Македонија, а по примерот на Кратово, Крушево, Битола, Скопје, да се вклучат и други градови и места.
Оваа година се планирани два града и сродни културни центри: „Градски музеј – Крива Паланка и Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово. Фокусот или тема за проектот за оваа година ќе биде фотографијата, нејзиниот историски развој и алтернативните техники, што се’ повеќе се популаризираат и враќаат на сцената.
Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и туризам.





