Со македонска премиера на „Неми филмови“ на Крсте Господиновски вечерва во Кинотеката на Македонија во Скопје ќе почне 6. издание „Флипбук филм фестивал“. Отворањето е закажано за 20 часот. Еден час претходно ќе биде отворена изложба, а во 20.30 часот е проекцијата на „Неми филмови“. Вечерта продолжува со специјална програма курирана од годинашното интернационално жири, а вечерта ќе заврши со музички сет на Костадин Шурбаноски-Шурбе.
„Флипбук филм фестивал“ ќе трае до недела (10 август). Ќе бидат прикажани 110 филма во неколку програми: главна, студентска, селекција на анимирани документарци, анимирани музички видеа и европска панорама.
Во главната селекција ќе бидат прикажани: „Хурикан“ на чешкиот автор Јан Саска, „Вљубениот Кафка“ на Зане Оборенко, „Психонаути“ и „Како“ на хрватските автори Нико Радаш и Марко Мештровиќ и филмови од полска, шведска, белгијска, руска, грчка, француска продукција.
Во студентската селекција публиката ќе ги види наградуваните германско-ирански „Крушова градина“, француско-британскиот „Интермисија“.
Во категоријата анимиран-документарен филм ќе бидат прикажани: „Саарвокадо“ на Виктор Ороско Рамирез, данскиот „Визуализација на пресек“, францускиот „Мојот тинејџ блекаут“ прикажан во Отава и Клермон Феран и други.

Во студентската селекција ќе бидат прикажани: „Изгубено-најдено“ на Диме Ѓорѓиевски и „Мајчин инстинкт“ на Ема Зафировска, а во селекцијата на анимирани музички видеа ќе бидат прикажани „Еден ден“ на Ѓорѓе Јовановиќ и Александар Јосифовски и „Приспивна“ на Никола Радуловиќ.
Во европската панорама ќе бидат прикажани вкупно 31 филм, од кои пет македонски: „Бла-бла“ на Кристина Даниловска, „Последната светулка“ на Димитар Аризанов, „Желба“ на Ирена Поповска, „Дневникот на заведениот“ на Сашко Илов и Цеци Темкова, „Рега га е“ на Ивица Сирановиќ и „17 часот“ на Фјака Коколи.
Фестивалот ќе опфати изложби и работилници за производство на анимиран филм и флип-бук, а ќе бидат промовирани и книгите „Калиграфи на филмското писмо“ на филмскиот критичар Влатко Галевски, издание на „Флипбук букс“ и Штрих и стих“.
Во жирито членуваат Лиџа Соаре и Михаи Митрица, директори на филмскиот фестивал „Анимест“ од Букурешт и наградуваните српски автори на анимиран филм Никола Мајдак и Ана Недељковиќ. Годинашното издание на „Флипбук филм фестивал“ е поддржано од Агенцијата за филм, Кинотеката и организацијата „Еко свест“, која ќе додели награда за најдобар филм со еколошка тема.
Целата програма на линкот.
Насловна фотографија: сцена од „Неми филмови“ на Крсте Господиновски





