Под мотото „Кому му е гајле за реалноста“, 16. издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе се одржи од 21 до 28 август во Скопје. Поттикнати од живеење во свет кој секојдневно се менува, каде информациите отсекаде извираат и незапирливо течат, организаторите на фестивалот велат дека станува сè потешко да разликуваме што е вистина, а што не.
– Така се будиме во реалност што не е лесно ниту да се прифати и во неа да се живее, ниту да се фати со камера. Секој од нас може да стори барем по нешто за сегашноста да биде поинаква. Ако ни е гајле за реалноста сега, нема да мора да береме гајле за иднината после. Тргнуваме од самите нас – велат тие.
Во рамките на фестивалот, традиционално се одржа патувачкото кино на „МакеДокс“, овојпат во Кочани. Проекциите на документарни филмови се одржаа од 15 до 18 и на 20 јули на Летната сцена пред Центарот за култура „Бели мугри“.
– Преку ден шетавме низ зелените пазари во Кочани, кои не се само редици со тезги полни со овошја и зеленчуци, туку и шарени мозаици од енергии, животни приказни, искуства – секакви. Секоја вечер повторно се собиравме пред филмското платно и создававме безбеден простор во кој чувствата се добредојдени исто колку и молкот, со надеж дека туѓите приказни, независно дали ќе се препознае човек во нив или не, ќе утешат, охрабрат, поттикнат – велат од „МакеДокс“.
На 19 јули патувачкото кино имаше проекција и во селото Смилево, во Демир Хисар, во рамките на Фестивалот на алтернативна фотографија „Зрно“. Патувачкото кино на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм, а се реализираше во соработка со SupportKochani, Центарот за култура „Бели мугри“ и Општина Кочани.
Насловна фотографија: Борјан Гаговски





