Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје организира студии на неколку насоки. Сите нудат голема перспектива
Во моментот кога треба да донесеш една од најважните одлуки во животот — што да студираш, запрашај се: „Дали сакам да знам како се создаваат лековите, што има во козметиката што ја користиме, како се анализира водата што ја пиеме — и зошто светот не би можел да функционира без хемичари?“ Ако одговорот е потврден, тогаш хемијата е твојот избор.
Хемијата денес е многу повеќе од бел мантил, мерење во мензури и изведување реакции во епрувети, во просторија полна со шишенца со чудни натписи. Таа е невидливата нишка што ги поврзува здравството, индустријата, екологијата, технологијата и исхраната.
Зошто да студираш на Институтот за хемија?
Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје организира студии по:
– Наставна хемија (дипломиран професор по хемија),
– Применета хемија (дипломиран инженер по хемија) и
– Применета хемија – аналитичка биохемија (дипломиран инженер по хемија – аналитичка биохемија).
Овие студии нудат:
– Современ и организиран наставен модел,
– Развивање и подигање на креативниот дух преку експериментирање,
– Стипендии во текот на студирањето,
– Студентска пракса во лаборатории и индустриски капацитети,
– Учество на семинари и конгреси,
– Меѓународно призната диплома,
– и најважно — веднаш по дипломирањето се отвораат реални можности за вработување.
Што може да работи дипломиран хемичар во Македонија?
Ако се запишеш на студии по хемија, по дипломирањето можеш да најдеш работа:
– Во индустријата, како инженер за контрола на квалитет во фармацевтска, прехранбена или петрохемиска индустрија.
– Во „Алкалоид“, хемичарите секојдневно проверуваат дали лековите ги исполнуваат строгите стандарди. Во „Џонсон Мети“, го контролираат квалитетот на благородните метали за автомобилската индустрија. А во Витаминка, Тиквеш, Скопска пивара, хемичарите се грижат секој нов сок, вино или пиво да биде исто квалитетен како претходниот.
– Во лаборатории за животна средина, како Еуромак-Контрол, каде дипломираните хемичари работат според ISO и акредитирани методи за анализа на воздух, вода и храна.
– Во здравствени и клинички лаборатории, како Синлаб, Биотек, Аџибадем Систина, каде хемичарите прават биохемиски анализи на крв и други биолошки примероци.
– Во образованието, како наставници по хемија во основни и средни училишта. Овој кадар е дефицитарен, особено во помалите градови.
– Во невладиниот сектор и институции, како здруженијата „Го Грин“ или „Еко Свест“, каде младите хемичари учествуваат во европски проекти за мониторинг на загадување и безбедност на храна и вода.
Шанса, не само проблем
Дефицитот на хемичари не значи само проблем — туку е и шанса за сигурно вработување, не само како наставник, туку и во сите аналитички лаборатории каде секогаш се бараат луѓе што знаат да работат со инструменти како HPLC, UV-VIS или да спроведат титрации според стандардите.
Хемијата отвора врати кон многу други професии
Дипломата по хемија развива аналитичко размислување, работа со комплексни податоци и голема прецизност — што се клучни вештини за многу други професии.
Можеби ќе те изненади, но многу дипломирани хемичари работат како инспектори во Агенцијата за храна и ветеринарство, како советници за животна средина во министерства, или како експерти во дипломатски мисии, каде се преговара за здравствени, еколошки и трговски стандарди.
Хемичарите имаат профил што одлично се вклопува во политика и дипломатија:
– аналитичко размислување,
– систематичност и
– разбирање на комплексни проблеми (екологија, фармација, енергетика).
Доволен доказ се Маргарет Тачер и Ангела Меркел, кои од лабораторија стигнаа до врвот на политиката.
Што ако решиш да заминеш за 10 години?
Со диплома по хемија можеш да се вработиш во индустријата и лабораториите не само во Македонија, туку и во Германија, Холандија, Словенија, Австрија, каде почетните нето плати се 2.200 – 3.200 евра, со барања слични како тука — само со повеќе автоматизација и строги стандарди.
Сакаш ли да останеш во науката?
Продолжи на магистерски и докторски студии и истражувај во лабораториите за хроматографски анализи, структурна карактеризација на материјалите, наноматеријали, хемиски модифицирани површини, електрохемија, експериментална биохемија, теоретска хемија. Така можеш да станеш универзитетски професор, истражувач или експерт во европски конзорциуми и акредитирани лаборатории низ светот.
Да резимираме
Ако сакаш да откриеш како функционира светот на молекулите и притоа да ја имаш можноста да работиш во индустрија, здравство, образование или политика — хемијата е твојот избор.
Хемијата е професија што те носи од училница до фабрика, од лабораторија до министерство, па и до европски проекти и висока политика.





