Наградата за најдобар долгометражен филм на 8. Beach Film Festival го доби грчко-македонскиот „Киука – пред летото да заврши“ во режија на Костис Харамуданис. Наградата ја подигна копродуцентката на филмот, Марија Димитрова, на затворањето на фестивалот. Наградата за најдобар краткометражен филм ја поделија „Мала шега“ во режија на Трифун Ситниковски, и „Зајак“ во режија на Ханис Багашов. За наградите решаваше жири-комисијата во состав: Хуан Албарацин (режисер, сценарист), Патрик Бихтинг (режисер, продуцент), Танасис Неофотистос (режисер, писател) и Нејтан Силвер (режисер). Наградата за најдобро актерско остварување na 8. Beach Film Festival ја доби полската актерка Нел Качмарек за улогата во филмот „Губење рамнотежа“ („Loss of Balance“).

Студентската селекција, за првпат оваа година, беше оценувана од младо жири составено од Иво Георгиески, Агнес Лахтова и Димитриј Мартин. Наградата за најдобар студентски филм ја доби норвешкиот „Чекање“ („The Wait“), во режија на Вилја Кескимаки.
Ова издание на фестивалот имаше над шеесет современи европски филмови, мастер-класови, дискусии во убава фестивалска атмосфера покрај езерото, преку внимателно одбрана програма и присуство на автори, селектори и публика од цела Европа. Ова издание беше посебно и по хуманитарниот карактер, сите средства од продажба на билети ќе бидат донирани за погодените семејства и повредените од трагедијата во Кочани.
Програмата се одвиваше на четири локации низ Охрид: плажа Славија, плажа Сараиште, Брод Армада и Младинскиот центар. Публиката имаше можност да проследи филмови во четири селекции: долгометражна официјална селекција,
краткометражни филмови, студентски краткометражни филмови и програма за деца.

Во рамки на фестивалот беа одржани четири мастер-класови со членовите на жирито, како и панел-дискусија на тема „Филмот како образовна алатка во училишта и при работа со млади“. Атмосферата секоја вечер беше збогатена со музичка програма на плажа Славија, каде проекциите се одвиваа под отворено небо, во непосредна близина на езерото.

Нел Качмарек со награда за најдобра актерка
Фестивалот се реализираше со поддршка од Агенција за филм, Општина Охрид, Шпанска амбасада, Италијанска амбасада, Австриска амбасада, Француски институт, Гете-институт, Халкбанк АД Скопје и Соко.






