Самостојната изложба на ликовниот и визуелен уметник Сашо Блажес насловена „Нурни во мене“ ќе биде отворена во Куќата на Робевци на 1 август во 20 часот. По самостојните излагања во Париз и во Венеција минатата година, како и во Австрија и Италија минатите години, оваа година се претставува со една исклучителна изложба која што дел беше претставена во Музеј на град Скопје. Куратор на изложбата е Маја Чанкуловска-Михајловска, виш кустос при Националната Галерија од Скопје. Критички осврт и текст за изложбата имаат напишано Камило Ракана, куратор од Париз и Маја Чанкуловска.
Сашо Блажес е роден во 1980 година во Охрид, каде живее и работи. Дипломирал во 2006-та година на Универзитетот за ликовни уметности во Букурешт, Романија, како еден од најдобрите студенти во својата генерација. За време на магистерските студии (2006-2008) бил вклучен од Катедрата за графика во изготвувањето на неколку универзитетски трудови од областа на графиката и графичките техники на Универзитетот. Зад себе има реализирано шестнаесет самостојни изложби во Македонија и во странство, а има учествувано на бројни групни изложби во Австрија, Германија, Романија, Шведска, Јапонија, САД, Канада, Италија, Бугарија. Негови дела се наоѓаат во приватни колекции во Норвешка, Франција, Германија, Романија и Австрија.

Во текот на 2024 година, Сашо Блажес ќе одржи две изложби („Нуркање до дното”, Париз и „Изгубен во рефлексија”, Венеција), на кои уметникот го развива својот копнеж „ Да го инсталирам езерото во моето ателје“. Делата изложени на овие две изложби припаѓаат на две различни категории: големи формати изработени во техниката масло на церада и квадратни формати изработени во техниката масло и акрилик на платно, надополнети со употреба на смола. Оваа целина создава едно чувство на ‘’нурнување’’ кај гледачот,точно соодествувајќи со намерата на уметникот. Кон крајот на таа истата 2024 година, Блажес развива еден концепт за една нова серија на дела. За да го постигне тоа тој ја модифицира темата на „водниот елемент“, која претставуваше носечка оска во претходниот циклус, воведувајќи нов мотив — отпечатоци од дланка. Го нагласува користењето на основните бои во „Ленти“ — обоени површини врз кои веќе не се појавуваат само гранки од езерскиот предел, туку и јасни траги од човечката дланка. Ја зголемува употребата на смола, постигнувајќи ефект на „Повик да се погали делото“. Ја задржува и развива употребата на цртeжната мрежа, која е структурална база на неговиот сликарски јазик. Конечно, и не помалку значајно, тој го менува форматот на платното, зголемувајќи го до човечка димензија: 1,80 × 1,50 метри, пишува Камило Ракана.
Езерото и длабочината на неговите води, во делата на Сашо Блажес говорат за толку такви трансцедентални мултиверзуми. Во нив истовремено се доживуваат не само длабочината на водата, рефлексиите на брановите под ноќните светилки, разнобојноста на впечатоците кои го дефинираат постоењето на миговноста како на материјалноста, туку и на емотивната феноменологија. Овие визуелни сензации, пренесени преку експресивен апстрактен јазик, можеби дури надреално иопартистички, провоцираат да се нурне во хипнотичкиот свет на треперливоста на боите а, некогаш дури и против свесната воља на умот, сензациите на колоритот врз окото на гледачот делуваат како вител кој вовлекува во свет на контемплативност.
Нурнувањето во длабочините не е само нурнување под површината и во себе си, нурнувањето во себе си е и пат кон трансцедентално спознавање и движење кон сопствените височини. Непостојаноста и менливоста или минливоста на водата и сите нејзини варијанти нуди не само уметничко естетска, философско космогониска, туку поширока етичка и еколошко ангажирана димензија. Водата како основа на живот за се’ што постои во нашиот опиплив свет, наспроти денешниот невротичен Бодријаров симулакрумски свет (идеја присутна и во претходните творечки циклуси на Блажес), е одраз на реалната сетилност и поврзаноста на човекот со природата, пишува Чанкуловска-Михајловска.





