Скопје памети!

На 26 јули 1963 година, во 5 часот и 17 минути наутро, Скопје беше погодено од разорен земјотрес со јачина од 6,1 степени според Рихтеровата скала. Земјотресот траеше само 20 секунди, но остави длабоки последици по градот и неговите жители. Во катастрофата загинаа над 1.000 луѓе, повеќе од 3.000 беа повредени, а над 200.000 останаа без покрив над главата. Градот беше речиси целосно уништен – над 80% од зградите беа оштетени или целосно срушени, вклучувајќи училишта, болници, административни згради и домови.

Сепак, трагедијата во Скопје ја разбуди солидарноста на целиот свет. Под мотото „Светот го гради Скопје“, повеќе од 80 земји испратија хуманитарна помош, доброволци, медицински тимови, материјали и финансии. Обединетите нации ја вклучија реконструкцијата на Скопје во еден од своите најзначајни проекти, а благодарение на меѓународната поддршка и ангажманот на граѓаните, градот започна ново поглавје во својата историја. Земјотресот од 1963 година не е само трагичен момент во историјата на Скопје, туку и симбол на човечка солидарност, издржливост и надеж.

Извор: Музеј на македонската борба

Сподели