Македонскиот Културно-информативен центар во Софија, по повод одбележувањето на 20-годишнината од неговото основање денеска во 18.30 часот ќе одржи трибина на тема, „Стратешки цели и развој на културната дипломатија – улогата на културно-информативните центри“. Панелисти се директорите на македонските Културно-информативни центри во Загреб, Белград, Истанбул и Софија, Мими Ѓоргоска-Илиевска, Васко Шутаров, Диме Ратајкоски и Зоран Пејковски.
Целта на трибината е да иницира конструктивна дискусија за актуелната и идната улога на македонските културно информативни центри во странство, со посебен акцент на нивниот придонес во унапредувањето на културната дипломатија, преку размена на искуства, предизвици и визии за развој.
Во рамките на трибината Пејковски на учесниците ќе им додели признанија и благодарници по повод одбележувањето на дваесетгодишнината од основањето на Центарот.





