Во културниот центар Balkan Heritage во Будимпешта се одржа концерт на маестро Мишел Трајковски, Баки Хилми, а специјалната гостинка на вечерта беше унгарската дива на балканската музика, Вероника Варга. Концертот се одржа во рамките на „Деновите на македонска култура во Будимпешта 2025“, во духот на меѓукултурен дијалог, соработка, заеднички настапи и перформанси на уметници од Македонија и Унгарија.
Виртуозите на македонската народна музика Мишел Трајковски и Баки Хилми на унгарската публика ѝ пренесоа дел од единствениот македонски мелос, а Вероника Варга својата својствена интерпретација им донесе несекојдневна уникатност на македонските народни песни.
„Деновите на македонска култура во Будимпешта 2025“ започнаа со самостојната изложба на Богларка Фодор на која го прикажува секојдневното животно пулсирање на Македонија низ очите на надворешен набљудувач-некој што набљудува без предрасуди, но со голема љубов, вели Златко Панзов, организатор на настанот. Изложбата освен во Будимпешта беше претставена во Скопје и Белград.
Винаријата „Ерос“ со својот асортиман на вина им овозможи на присутните да уживаат во автохтоните македонски вина Станушина, Жилавка и останатите уникатни вина на оваа македонска семејна винарија. „Деновите на македонска култура во Будимпешта 2025“ продолжуваат оваа есен со нови содржини и настани. Манифестацијата ја организираат Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта, Здружението на Унгарците од Македонија-Теледом и културниот центар Balkan Heritage од Будимпешта, со поддршка на Министерството за култура и туризам на Македонија.





