Во црквата „Св. Софија“ во Охрид вечерва во 21 часот концерт ќе одржи виолончелистот Даниел Мyлер-Шот од Германија. Тој е еден од најбараните виолончелисти на денешницата. Веќе неколку децении ја одушевува публиката како голем амбасадор на современата музика преку неговите идеи за обединување на музиката, литературата и визуелната уметност. На вечерашниот концерт ќе изведе дела од Јохан Себастијан Бах.
Даниел Милер-Шот студирал под менторство на Валтер Нотас, Хајнрих Шиф и Стивен Исерлис. Неговата кариерa била поддржана од Ан-Софи Мутер, а добитник е на бројни стипендии и награди меѓу кои и наградата „Аида Стуки“, како и едногодишно приватно школување кај легендарниот Мстислав Ростропович. На само петнаесетгодишна возраст, тој е добитник на прва награда на Меѓународниот натпревар за млади музичари „П. И. Чајковски“ во Москва во 1992 година.
Милер-Шот гостува како солист со сите значајни оркестри во САД, како филхармониските и симфониските оркестри во Њујорк, Бостон, Кливленд, Чикаго, Филаделфија, Сан Франциско и во Лос Анџелес, со бројни оркестри во Европа меѓу кои Берлинската филхармонија, „Гевандхаус“ во Лајпциг, повеќето германски оркестри, водечките оркестри во Лондон, симфониските оркестри во Мелбурн и Сиднеј во Австралија, како и азиските оркестри во Токио, Тајван, Сингапур и Сеул. Редовно соработува со истакнати диригенти како: Марк Албрехт, Карина Канелакис, Томас Даусгард, Кристоф Ешенбах, Иван Фишер, Алан Гилберт, Манфред Хонек и други.
Репертоарот на Милер-Шот вклучува бројни дела од барокот, па сè до новосоздадени современи дела. Особено е посветен на проширувањето на репертоарот за виолончело преку сопствени аранжмани и преку соработки со современи композитори. Честопати сам ги претставува концертите и ги пишува текстовите за неговите бројни цедеа. На неговиот фестивал во Вевеј креира програма која ги вклучува делата на Бах придружувани со танцова кореографија во обид на визуелен начин да ја „преведе“ музиката. Неговите соработници за камерна музика ги вклучуваат: Кит Амстронг, Рено Капусон, Вероника Еберле, Џулија Фишер, Џанин Јенсен, Сабине Мејер, Нилс Монкемејер, Ан-Софи Мутер, Франческо Пјемонтеси, Емануел Тјекнавориан, Симон Трпчески, како и квартетите „Модиљани“ и „Ебене“. Свири на виолончелото „Екс Шапиро“ изработено од Матео Гофрилер во 1727 година.





