Дела од Зоран Кардула изложени во НОБ

Flora Imaginarium е насловена изложбата од Зоран Кардула што синоќа беше отворена во Националната опера и балет. Кардула се претстави со серија уникатни дела инспирирани од флората, фантазијата и визуелниот јазик на маркетингот. Изложбата се состои од повеќе дизајнирани постери, дигитални колажи и експериментални графички композиции кои ја прикажуваат флората како визуелна симфонија, но и како форма на тивка критика. Изложбата ја отвори Маја Чанкуловска-Михајловска, историчарка на уметност.

Визуелните претстави на Зоран Кардула се стилски препознатливи и се одликуваат со особено впечатлива суптилност и грациозност, рафинираност и стилизираност, елегантност и мистичност. Во нив може да се почувствува колективната визуелна меморија на цивилизациските културни и естетски дострели преку артистичкиот спој на минимализмот на советскиот конструктивизам, југословенскиот дизајн, со раскошот на Арт Деко и симболизмот на Виенската сецесија, како и далечното ехо на јапонските графики, идеалната убавина на класичната хеленистичка и римска уметност и планскиот плошен распоред на египетските слики. Насловот на најновата изложба е Flora Imaginarium, а почетниот импулс за истата лежи во неговата соработка со познат македонски бренд и во која, според Кардула, „ја раскажуваме нашата историја, ја чуваме традицијата и ја носиме напред. Создадовме приказна со еден современ дух кој носи вредности, наследство и традиција.“ Оваа почетна искра понатаму се разгорува во речиси 30тина нови дигитални дела изработени исклучиво со маус, а делата претставени на оваа изложба може формално стилски да се поделат во неколку подцелини, кои се развиваат од основните визуелни графички решенија како почеток на приказната за Flora Imaginarium – рече Чанкуловска-Михајловска.

Кардула е еден од најистакнатите македонски уметници и дизајнери. Добитник е на повеќе меѓународни признанија, а неговите дела се изложувани во САД, Италија и ширум Балканот.

Сподели