Во галеријата „Ко-Ра“ во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје вечерва во 20.30 часот ќе биде отворена изложбата „Патека низ времето“ од Игор Поп Трајков. Во рамките на изложбата ќе се одржи и промоција на две книги од авторот. Куратор на изложбата е Јоана Пентала.
Поп Трајков ќе се претстави со 40-тина принта, дигитални слики кои посочуваат разни периоди од повеќе разнородни цивилизации и сегменти од митологијата, историјата, археологијата, филмската уметност, културната историја, политиката.
– Преку избор на разнородни мотиви, во вид на еден широк наратив, со синтетички манир, се среќаваме со симултана низа од разнообразни артефакти кои вообличуваат еден драмски мизансцен, во кој се препелкаат бројни алегории, колажни структури, симболи кои одбележале разнородни епохи и оставиле трага во културната ризница која е поврзница на епохите – вели Виолета Калиќ од Домот на културата „Кочо Рацин“.





