Во живописното Смилево почнаа работилниците на фестивалот „Зрно“

Под падините на планината Бигла, во живописното село Смилево почна едукативната програма на фестивалот „Зрно 2025“, еден од клучните настани во областа на алтернативната фотографија во регионот. До 23 јули, селото со богата историја и природна убавина ќе бидат домаќин на осум интензивни работилници што ги водат искусни автори и едукатори од различни европски земји. Учесници од цела Европа учат, експериментираат и творат, заедно со локалната заедница.

Во годинашната програма вклучени се осуммина ментори и тематски области:

– Предраг Узелац (Нови Сад) – колодиумска фотографија;

– Ивана Брезовац (Белград) – напредна црно-бела фотографија;

– Мартина Павлоска (Милано) – креативна игра со Полароид;

– Флориан Копр (Виена) – стратегии за развивање уметничка визија;

– Вјеран Хрпка (Осијек) – Фоџо и хемиграм техники;

– Дамијан Диаконеску (Темишвар) – гумоил и гум-бихромат принт;

– Емилија Сандиќ (Белград) – експерименти со мордансаж;

– Сашо Алушевски (Скопје) – цијанотипија и лумен принт.

Како дел од фестивалската програма утре во соработка со Националната установа „Смилевски конгрес“ и патувачкото кино на „МакеДокс“, ќе се одржи јавен настан во центарот на селото. Во кооперацијата ќе биде отворена изложба на австрискиот фотограф Флориан Копр, ќе се одржи проекција на филм под отворено небо, а акустичен концерт ќе одржи Филис Синановска (тамбура, ут).

– Овој ден ќе биде вистински спој на современата фотографија, традицијата, заедништвото и отворениот дух на Зрно – велат организаторите.

Годинава во соработката со Државниот архив на Македонија – одделение Битола, учесниците ќе имаат можност да работат со дигитализирани негативи од колекцијата на браќата Манаки.

– Преку процесот на печатење позитиви, се отвора можност за фотографско патување низ времето и културната меморија на Македонија, и на негативите од старите ненадминати мајстори, да им се даде современ дух, со користење на фотографски техники, некои постари од нивното творештво – велат од фестивалот „Зрно“.

Фестивалот е посветен на алтернативната фотографија, со фокус на аналогни, историски фотографски постапки-каде секоја фотографија се изработува рачно и е уникат. Покрај работилниците, програмата опфаќа теренски активности, дискусии и простор за слободно творење – сето тоа во опуштена и инспиративна атмосфера.

Насловна фотографија: Групна колодиумска фотографија во Цапари / Автпри: Предраг Узелац, Сашо Алушевски

Сподели