Концерт на квартетот „Модиљани“ на Охридско лето

Во црквата „Св. Софија“ во Охрид вечерва во 21 часот ќе настапи францускиот квартет „Модиљани“, во рамките на традиционалната Вечер на Европска Унија на фестивалот Охридско лето. Во квартетот членуваат виолинистите Амари Сојто и Лоик Рио, виолончелистот Франсоа Кифер и Лоран Марфан кој свири на виола.

Парискиот квартет „Модиљани“ во 2023 година ја прослави својата 20-годишнина и денес важи за еден од најзначајните гудачки квартети постојано гостувајќи на најдобрите фестивали за камерна музика низ целиот свет. Во 2017 година на квартетот „Модиљани“ му припадна честа да биде прв квартет кој настапил во големата сала на новата „Елбфилхармонија“ во Хамбург. Во 2020 година членовите на квартетот ја добиваат улогата на уметнички раководители на Фестивалот за гудачки квартети „Вибре-квартети во Бордо“, како и на престижниот Меѓународен натпревар за гудачки квартети во Бордо. Тие се основачи и уметнички раководители на Фестивалот „Сан Пол де Ванс“, а од 2023 година предаваат камерна музика – гудачки квартет на Високата школа „Алфред Корто“ во Париз.

Сподели