По трет пат УНЕСКО ни упатува аларм со тоа што се обидува да го стави Охридскиот регион на Листата на светски богатства во опасност. Во моментов во Париз се одржува 47. сесија на светската организација. Екологисти од земјава бараат да престане уништувањето на Охридското Езеро и регионот. Не се вложуваат доволно напори за зачувувањето на природното богатство, масовно се гради, има дивоградби, а ниту езерото и околината се доволно заштитен, реагираат екологистите.
И министерот за култура и туризам Зоран Љутков, вчера на прес-конференција објасни за што станува збор. Тој посочува дека сите забелешки на Комитетот се однесуваат на периодот од 2017 до 2024 година, од работата на претходната Влада. –
– Во тие седум години, не само што ништо не беше преземено од препораките на УНЕСКО, тие наместо заштита, гледавме игнорирање на експертски извештаи, системско разнебитување. Како Влада секој ден се соочуваме со историски задачи. Работиме со максимална посветеност, во координација со сите надлежни институции, се со цел да покажеме дека оваа влада може и знае поинаку да се однесува кон културното наследство. Ние ќе ги отвориме вратите за спас. На денешната седница на Владата се задолжија сите членови на институциите што се на собранието на УНЕСКО во Париз, заеднички да поднесеме амандман овој извештај да се повлече и да покажеме дека оваа Влада има капацитет и дека ќе се посветиме на почитување на препораките – рече Љутков.

Зоран Љутков
Доколку биде усвоена нацрт-одлуката на Комитетот, не значи дека Охридскиот Регион ќе биде избришан од листата заштитени природни и културни вредности на УНЕСКО, туку извесна разврска на она на што беше укажувано години наназад од страна на експертите и критичката јавност, како несоодветно однесување кон брендот признаен од светот.
Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во нацрт-документот посочува дека продолжува деградацијата на атрибутите што го поместија Охридскиот регион како заштитено наследство на УНЕСКО и се бара исполнување на забелешките на Реактивната мониторинг мисија од минатата година.
Досега двапати имаше обид преку нацрт-документ да се упати аларм до македонските власти на кои има беа давани дополнителни шанси за да се исправат аномалиите. Во пресрет на третиот обид, 39 организации и една европска мрежа со 15 организации-членки, доставија писмо до Комитетот за светско наследство на УНЕСКО со кое бараат да се усвои нацрт-одлуката за впишување на Охридскиот регион во Листата на светски наследства во опасност. Граѓанските организации го доставија писмото до сите 21 членови на Комитетот, со кое бараат усвојување на нацрт-одлуката, „имајќи ги предвид претходните две искуства, кога Комитетот ги игнорираше препораките на експертите Охридскиот регион да биде прогласен за светско наследство во опасност, што резултираше со нови закани и уште поголемо уништување на вредностите“.
И овој пат се нотираат слабостите за односот на државата, институциите, властите на национално и локално ниво кон Охридското Езеро и градот Охрид како природно односно културно наследство прогласени за светско богатство. Во нацрт-одлуката на Комитетот за светско наследство се бара од Македонија итно да ја подобри заштитата на Студенчишко Блато, веднаш да ги стопира сите градежни активности во околината на блатото и хотелскиот комплекс Горица и да го ревидира предлог-законот за прогласување на Студенчишко Блато за Парк на природата за да осигура дека истиот е во согласност со стандардите на ИУЦН и наодите на мисијата од 2024 година.
Во нацрт-документот бара од властите во Македонија итно и со целосно почитување на препораките за заштита на вредностите на регионот да ги суспендираат измените на Деталните урбанистички планови и одобрувањето на Локалните планови за развој надвор од населените места сè додека не се изготви Стратешката проценка, да ги изработат Генералните урбанистички планови за Охрид и Струга, како и инструментите за просторно планирање за неизградени области.
Исто така властите се повикуваат да достават физибилити студија за алтернативна траса на железничкиот „Коридор 8′, со детални студии и проценки за опциите за трасата на автопатот од Коридорот и придружни проценки на влијанија за поединечните проекти, пред да се донесат какви било неповратни одлуки.
Во документот се повикуваат Македонија и Албанија да работат на зајакнување на прекуграничниот дијалог, и на високо институционално и на оперативно ниво, за да се обезбеди ефективно и одржливо управување со регионот.





