Јордан Костов Маглота секстет ќе одржи концерт вечерва во 20 часот во Македонската филхармонија, на кој ќе биде промовиран нивниот албум „Маглота“. Уникатно музичко патување водено од виртуозност, љубопитност и љубов кон звукот најавуваат организаторите.
Замислете звук кој патува од Балканот, преку Азија, афро-американската музичка традиција, па сè до Јужна Америка. Замислете музика која не признава жанровски и географски граници, туку ги надминува, спојувајќи традиции, инструменти и култури во една органска светска џез фузија. Јордан Костов Маглота секстет, предводен од македонскиот хармоникаш и композитор Јордан Костов, создава уникатен музички универзум кој ги поврзува Ориентот и Западот, фолклорот и авангардата, импровизацијата и композицијата.
Специјален акцент на концертот е соработката со хорот „Св. Злата Мегленска“, под диригентство на Летка Димовска – Полизова, кој внесува вокална димензија во оваа богата и транспросторна звучна слика. Специјална гостинка ќе биде Сузана Спасовска.
Во Јордан Костов Маглота секстет учествуваат: Јордан Костов: хармоника (Македонија), Минх Транг Нгујен: зитар, трунг, дан бау (Виетнам), Роман Столјар: пијано (Русија), Бруно Дози Теза: електрична бас гитара (Бразил), Бренда Охана: маримба, тапани и перкусија (Бразил), Фенг Хао: тапани (Шангај, Кина).





