Проектот „DigiArcheoSpace – Модерни алатки за документирање и претставување на културното наследство во археологијата“ е прв од пвој тип во Македонија и отвора пат кон современа, дигитално ориентирана археолошка едукација. Финансиран е преку програмата Еразмус+, партнер од Македонија е Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а носител е Историскиот музеј од Приморско, Бугарија.
Проектот обединува партнери од повеќе европски земји: Student Computer Art Society и Шуменскиот универзитет од Бугарија, Универзитетот „Бартин“ од Турција, Институтот за етнологија и фолклористика од Хрватска и УКИМ. Целта е да се создадат иновативни образовни содржини за изучување на дигиталната археологија.

– Проектот е насочен кон наставниот кадар, архивистите, стручњаците и студентите од областа на археологијата, историјата на уметност, архивистиката и сродните дисциплини. Фокусот е ставен на развој на шест едукативни модули засновани на современиот микро-креденцијален пристап, кои се надополнети со видеа, практични примери и дигитална платформа за учење. Овие ресурси се применливи како во високото образование, така и во неформални и доживотни форми на учење – вели проф. д-р Ирена Теодора Весевска од Институтот за историја на уметност и археологија при Филозофскиот факултет..
Проектот веќе е во активна фаза. Досега се одржале две меѓународни работни средби во Софија, Бугарија и во Бартин, Турција. Следниот партнерски состанок ќе се одржи во Скопје, каде што Филозофскиот факултет ќе биде домаќин и ќе ги презентира досегашните резултати. Сите образовни материјали ќе бидат достапни на англиски јазик, но и преведени на јазиците на партнерските земји, вклучувајќи и македонски.

– Проектот ќе трае до 2026 година, и претставува значаен чекор напред кон модернизација на наставата и научната работа во областа на културното наследство. DigiArcheoSpace не само што овозможува нови дигитални алатки, туку и поттикнува транснационална соработка, етички пристап и инклузивност во заштитата и презентацијата на материјалното и нематеријалното наследство – објаснува Весевска.





