Ардита сиот живот им помага на другите, сега ѝ треба помош од нас

15 андерграунд бендови од македонската сцена ќе настапат на хуманитарниот концерт што ќе се одржи на 2 јули од 18 часот во Младинскиот културен центар во Скопје

Најмалку 15 андерграунд бендови од македонската сцена ќе настапат на хуманитарниот концерт што ќе се одржи на 2 јули од 18 часот во Младинскиот културен центар во Скопје. Сите пари ќе бидат донирани за лекување на Ардита Јонуз, мајка на двегодишната Еда Нур, и сопруга на музичарот Мустафа-Мусо која треба во Турција да го продолжи лекувањето на ракот на дојка. МКЦ бесплатно го отстпи просторот за хуманитарната цел. Влезниците се со симболична цена од 200 денари, а не влезот ќе има кутија за донации на која секој може да донира повеќе.

Засега се најавени настапите на: Лоши деца, Тотално опуштање, Културно Уметнички Работници – К.У.Р., Флукс, Катран, No Name Nation – NNN, Cruel, Sol Nocivo, Алојз Роп, Discops, The Symtom’s, PKM, Сватовски, Оловна рестрикција – Велес и Слаџана.

На платформата ecrowd.mk веќе е отворена линија за донации. Целта е да се соберат 6.200.000 денари, а во моментот одвај им а 290.000 денари.

„Ардита, храбрата мајка на двегодишната Еда Нур, се соочува со најголемата битка во својот живот – борба против рак на дојка. Таа е инспекторка за малолетна деликвенција во полицијата и активистка во Црвен Крст, секојдневно помагајќи на другите. По операцијата и хемотерапиите, ситуацијата се влошува, а за нејзината терапија потребни се многу пари. Еда Нур има само две години, таа е дар на светлината за Ардита, која сега има потреба од наша помош за да продолжи со лекувањето и да се грижи за своето дете. Еда Нур потекнува од арапскиот јазик и значи ,Дар на светлината’, симболизирајќи ја надежта и светлината што ги носи во животот на својата мајка. Ардита сиот живот се посветувала на помагање на другите, сега бара поддршка за да го помине најтемниот дел од својот па, да ја победи болеста и да го продолжи животот со своето дете покрај себе“, пишува на ecrowd.mk.

Парите од кампањата ќе бидат наменети за бројните лекови и третмани за Ардита да продолжи со лекувањето. Препорачаната терапијата е скапа и треба да се прима редовно. Парите од донациите ќе бидат наменети за финансирање на медицинските трошоци и за сместување на нејзиниот сопруг и дете додека трае лекувањето. Ако не се соберат доволно средства за терапијата во Турција, тие ќе бидат употребени за лекови како Ribociclib, неопходни за продолжување на третманите.

Со картичка може да се донираат од 100 до 6000 денари дневно. За поголеми суми, донирајте на банкарската сметка на Фондацијата: 270078016610134 (Опис: За Ардита).

Сподели