Во Мобилната/монтажна галерија во Паркот на франкофонијата во Скопје вечерва во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Ограничена мобилност“. Група млади активисти и уметници под менторство на програмата за креативен активизам на Центарот за современи уметности деновиве реализираа впечатлива и провокативна уметничка интервенција за да ја подигнат јавната свест за секојдневните предизвици со кои се соочуваат лицата со попреченост, постарите граѓани со намалена подвижност и младите родители со детски колички.
– Во рамките на креативната акција, стари и нефункционални инвалидски колички беа трансформирани во имагинарни „летечки колички“. Опремени со крилја и пропелери, овие симболични објекти пренесуваат моќна порака: Во денешно Скопје, за многумина движењето низ јавниот простор е возможно само доколку можат да летаат – велат од Центарот за современи уметности.

Голем дел од скопските улици, тротоари, институции, трговски центри и јавен превоз сè уште се физички недостапни за лицата кои користат помагала за движење. Симболичната интервенција се одвиваше на повеќе локации низ Скопје (списокот на локации ќе биде дополнета), во соработка со локални жители и претставници на лица со ограничена подвижност.
– Со оваа акција, како уметници и активисти сакаме да испратиме јасна порака за систематското институционално и инфраструктурно занемарување на лицата со ограничена мобилност, кое исклучува илјадници граѓани од полноправно учество во општествениот, социјалниот, културниот и економскиот живот. Сметаме дека пристапноста не е привилегија — таа е основно човеково право – велат од Центарот.

Иницијативата се реализира како дел од регионалниот проект „Млади, култура и активизам за промени“, кој заеднички го организираат Центарот за современа уметност – Скопје и DELI – Простор за креативна активност од Ниш. Проектот е финансиски поддржан од Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO).





