Пишува: Звонко Димоски
Адем Карага како Ричард е најсилниот елемент на оваа претстава. Со извонредна контрола врз текстот, гестот и внатрешниот свет на ликот, Карага го обликува Ричард како длабоко комплексен антагонист – комбинација од физичка грдотија и духовна корупција. Со маестрална прецизност и интензитет, Карага создава Ричард кој е подеднакво харизматичен и застрашувачки.
Поставувањето на Шекспиров текст секогаш претставува уметнички предизвик, и тоа не само поради неговата драматуршка комплексност, туку и поради потребата истиот да се направи разбирлив и достапен за денешната публика. Ова особено се однесува на „Ричард Трети“, дело кое ги отвара најмрачните агли на човечката амбиција, желбата за моќ, и најсуштинското, етичкиот пад.
Во „Ричард III“, во продукција на Албански театар – Скопје, режисерот Куштрим Бектеши се соочува со тој предизвик, давајќи му на класичниот текст длабоко современо лице – политичко, визуелно и естетско. Неговата адаптација носи актуелен коментар со силна актерска игра и сценска прецизност за современите форми на тиранија, медиумска манипулација и култот кон одредена личноста. Претставата зборува со јазикот на сегашноста јасно, визуелно и директно.
Она што особено се истакнува е филмскиот наратив што го обликува сценското дејство. Напредните кинематографски техники несомнено влијаат врз модерните театарски продукции. Подемот на филмската технологијата кон крајот на 19 век го стимулира развојот на театарските позадини и сценските ефекти, замаглувајќи ја линијата помеѓу сцената и екранот. Денес, многу театарски продукции користат дигитални проекции, елементи за звучен дизајн, па дури и роботски сценски машини, сите инспирирани од кинематографските техники.

Адем Карага
Видливо е дека Бектеши црпи инспирација од филмската адаптација на „Ричард Трети“ од 1995 година (реж. Ричард Лонкрејн), со Сер Ијан Меккелен во главната улога. Таа верзија, поставена во алтернативна Британија од 1930-тите, го користи визуелниот јазик на фашизмот, милитаристичката естетика и симболи класични за тоталитаризмот. Слично е и во оваа претстава, односно наративот, сценографијата, костимите и видеоелементите создаваат театар кој зборува со јазикот на современите авторитарни режими. Телевизиските преноси, униформите, воените насилства и сл. ја претвораат сцената во простор на уметничко и политичко преиспитување, а Ричард во фигура која никако не припаѓа само на минатото и е метафора за современите лидери – без разлика дали носат круна, костум или се медиумски манипулативен производ. Додека филмот несомнено служи како естетска инспирација, целата адаптација сепак има своја визија, ритам и интерпретација, а актерската игра на носечките ликови, посебно Ричард, ги задржуваат класичните Шекспировски карактеристики, односно голема психолошка длабочина, морална двосмисленост и драматичен интензитет.

Бектеши го прикажува Ричард како производ на една култура на страв, спектакл и амбиција – фигура која се храни од перцепцијата, а не од легитимитетот. Поради ваквиот пристап, претставата не го реконструира минатото, туку ја рефлектира сегашноста, покажувајќи како да се препознае сенката од историјата во денешницата. Адем Карага како Ричард е најсилниот елемент на оваа претстава. Со извонредна контрола врз текстот, гестот и внатрешниот свет на ликот, Карага го обликува Ричард како длабоко комплексен антагонист – комбинација од физичка грдотија и духовна корупција. Со маестрална прецизност и интензитет, Карага создава Ричард кој е подеднакво харизматичен и застрашувачки. Неговата трансформација – телесна, гласовна, психолошка – е доследна и длабока. Тој не го игра Ричард како историска фигура, туку како жива, сегашна опасност. Секој негов поглед, секој циничен монолог и секое молчење се дел од едно актерско градиво што публиката ја држи во тишина, во напнатост, но и во восхит. Карага ја носи психолошката тежина на ликот со суптилна прецизност, градејќи го не само како симбол на деструктивна амбиција, туку и како човек заробен во сопствениот очај и изолација. Карага ја заслужува секоја пофалба, и неверојатно е дека жирито на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“ одлучува да не награди ваква актерска изведба.
Особено освежување во актерскиот ансамбл претставува гостинот од Приштина, Шкумбин Истрефи, во улогата на двајцата браќа на Ричард (Кларенс/Крал Едвард). Истрефи внесува достоинствен контраст со фигурата на Ричард – ликови кои се фатени меѓу братската врска и политичката закана, со тон кој варира од доверба до предавство. Неговата игра е суптилна, но длабоко искрена – гради сценска динамика што не е само реакција на Карага, туку носи сопствена драмска линија.

Теута Ајдини Јегени (од лево кон десно), Амернис Нокшиќи и Вјолца Бектеши Хамити
Во оваа адаптација режисерската визија добива силна визуелна (Бетим Г. Зеќири) и звучна поддршка преку сценографијата (Бетим Зеќири), костимографијата (Самка Фери) и музиката на Тримор Доми, која суптилно, но ефектно го заокружува светот на контрола и страв. Овие елементи не се украс, туку се дел од наративот и структура што ги засилуваат драмските пикови, ја зголемуваат тензијата и ја следат внатрешната динамика на ликовите. Просторот е функционално дизајниран како милитаризиран медиумски театар – со голи структури, екрани, видеопроекции и симболика која наликува на современи тоталитарни држави. Сцената не отсликува историски реализам, туку создава политички контекст во кој ликот на Ричард станува медиумска конструкција. Во режисерското читање има и промени на полот кај одредени ликови, како и тешко забележливи промени во текстуалниот слој, што исто така е дел од современиот театарски јазик и носи дополнителна димензија во доживувањето на односите и интригите.
Моментите кога Ричард ѝ се обраќа на јавноста пред црквата и преку телевизиските преноси претставуваат јасна и ефектна режисерска паралела со начинот на кој денешните популистички лидери ја користат медиумската инфраструктура за градење на култот на личноста и контрола на јавниот дискурс. Говорот пред црквата е особено симболичен: ликот се претставува како побожен, скромен, „човек од народот“, додека публиката ја знае неговата вистинска, мрачна природа. Тука, крстот и круната се единствените задржани амблеми од оригиналниот шекспиров наратив. Овие сцени, исто така се силен пример за актерската нијансираност на Адем Карага – неговиот Ричард знае да манипулира не само со луѓето на сцена, туку и со гледачот, пренесувајќи пораки што ја менуваат вистината преку кадар, глас и телесна поза.

Ансамблот во „Ричард Трети“ успева да создаде сложен, сценски жив организам што балансира помеѓу старата шекспирова драматуршка естетика и современата сценска чувствителност, комбинација која може да го збунува гледачот во почетокот на претставата, додека не стане јасен концептот на адаптацијата. Во овој ансамбл, секој актер и актерка прецизно го носи својот дел од наративниот товар: Абедин Алими (Бакингам), Осман Ахмети (Стенли), Музбајдин Ќамили (Кетсби), Дритеро Аме (Ратклиф), Фисник Зеќири (Хастингс), Ментор Курти (Ричмонт), Генци Мирзо (Риверс), Рахим Рамадани (Дорсет), Сара Бајрами (Кралицата Маргарита/Лавел), Гентиана Рамадани (Тирел), Хетем Етеми Лорд Мејр/Блант), Сабина Мемиши Асланај (Војводата од Јорк) и посебно младиот актер, сѐ уште студент, Дениз Рустеми (Принцот од Велс), чие сценско присуство внесува свежина и силен потенцијал за иднина.

Шкумбин Истрефи, во улогата на двајцата браќа на Ричард (Кларенс/Крал Едвард)
Суштинско драмско и емоционално јадро во претставата носат женските ликови кои добиваат централна сценска функција и симболична тежина која длабоко го премостува историскиот контекст на шекспировиот оригинал. Нивната заедничка сценска присутност, нивните три гласа, три состојби на женското искуство функционираат како своевиден триптих, не само на болката, туку и на совеста, храброста и моралното предупредување. Нивните гласови се гневни, болни, но и исполнети со морална сила што ѝ се спротивставува на бруталноста на машкиот свет. Теута Ајдини Јегени како архетипската мајка која го носи товарот на изгубеното мајчинство и синот чудовиште, одлично ја слика горчината, но и достоинственото откажување на Војвотката од Јорк. Вјолца Бектеши Хамити со својата игра внесува суптилна сила и мачна интелигенција во ликот кралицата Елизабета, како сведок на распаѓањето на домот, кралството, и смислата на постоењето. И секако, прекрасната Амернис Нокшиќи како силно впечатливата Лејди Ана, која лебди расцепкана помеѓу омразата, вината и заведувачката иронија. Трите актерки со исклучителна сценска посветеност и суптилна емотивна интелигенција ги претвораат своите ликови во внатрешниот хор на претставата – етичка вертикала што пробува да ѝ се спротивставува на бруталноста, лажењето и жедта за моќ во машкиот свет.

Бектеши, со ваквиот Ричард, ни покажува дека класиката не е мртво наследство, туку жив инструмент за разбирање на денешниот свет. Преку моќни изведби, силни женски гласови, сценска актуелна и атрактивна визија, претставата нè потсетува дека борбата за моќ никогаш не е само историска, а после тиранот кој заминува, секогаш доаѓа следниот.
Фото: МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп/Александар Еленин и Елена Мелончели





