Ова е исклучително важен наод, зашто зборува за користење на писмо од страна на населението на Градиште во Младо Нагоричане, нешто што е реткост на териториите северно од македонското кралство, вели археологот Дејан Ѓорѓиевски
Две големи откритија донесоа археолошките ископувања на локалитетот Градиште во Младо Нагоричане, Кумановско. Археолозите предводени од археологот Дејан Ѓорѓиевски од кумановскиот Музеј го открија најстариот автохтон натпис на териториите северно од македонското кралство и остатоци од постари ѕидови на резиденцијалниот објект што го истражуваат подолго време.

Резиденцијален објект, 2017-2025, компјутерска обработка: С. Анчевски
– Резиденцијата на акрополата е многу слична на богатите македонски куќи истражувани во Пела и останатите градови од Античка Македонија. Градбата била уништена во немирните времиња на дарданско-македонските конфликти во 3 век пред новата ера, истовремено со замирањето на пајонското кралство – вели Ѓорѓиевски.
Екипата целосно го истражила перистилот (отворениот двор) на градбата, а работела и на каналот за вода кој не е сочуван до крај. Постоењето на цистерна, односно резервоар за вода, останува прашање кое археолозите ќе го одговараат во наредните години.

Систем за носење вода, во процес на откривање
Ѓорѓиевски вели дека се горди на двете големи откритија. Под постоечките ѕидови на објектот, откриле остатоци од постари ѕидови врз кои се поставени поновите, што значи дека резиденцијалниот објект имал подолга традиција на користење, односно има остатоци од постар објект од ваков тип на истото место.
– Го откривме најстариот сочуван автохтон пишан натпис на териториите северно од Астибо (Брегалница). Станува збор за графит врежан на дно на сад од локално производство, кој припаѓа на групата натписи од т. н. „апоретски“ тип – натписи поставени на скришни места, со еротска и вулгарна содржина. Ова е исклучително важен наод, зашто зборува за користење на писмо од страна на населението на Градиште во Младо Нагоричане, нешто што е реткост на териториите северно од македонското кралство – вели Ѓорѓиевски.

Натпис на дно од сад
За оваа година е предвидено и дигитализација на дел од наодите од локалитетот. Со тоа неговото значење ќе биде доближено до поширока публика. За идната година археолозите планираат да продолжат со откривањето на уште неколку градби кои ги забележале преку LIDAR снимките, како и преку GPR геофизички снимања. Истражувањата финансирани од Министерството за култура и туризам.

(В.И.И.)
Фото: Музеј Куманово





