Изложбата „Професори и студенти“ во МКЦ

Во Младинскиот културен центар во Скопје вечерва во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Професори и студенти“. Изложбата ја презентира и разгледува врската меѓу менторите и младите уметници. Ќе бидат претставени дела од повеќе од 50 професори и студенти од Факултетот за дизајн и мултимедија при Американскиот универзитет на Европа, Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет од Скопје, Факултетот за уметност и дизајн при Интернационалниот балкански универзитет од Скопје, Универзитетот „Мајка Тереза“, Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип и Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот во Тетово.

– Со заедничко изложување на дела на професорите и нивните студенти, се создава простор за дијалог во кој се испреплетуваат искуството и иновацијата, традицијата и современите уметнички тенденции, методологијата и слободата на изразување. Учесниците се претставени со дела изработени во различни уметнички техники, вклучувајќи сликарство – масло и акрилик, цртеж, скулптура, дигитални медиуми, моден и внатрешен дизајн, фотографија и инсталација. Ова обединување на различните уметнички дисциплини ја рефлектира богатата и разновидна сцена на современата македонска уметност – вели проф. Кирил Пенушлиски.

Според Наде Циева, оваа групна изложба е почеток на односот меѓу нашите млади уметници, кој се развива во бурна дискусија за која не се ни потребни зборови, туку импресии и емоции.

– Преку групирањето на творештвото и делата на менторот и ученикот, се согледува кои студенти пркоселе на стилот и принципите на професорот во кој не се пронашле себеси како творци, а кои студенти успеале да имплементираат елементи од тоа кое им служело за водич и пример во текот на учењето и образованието – вели Циева.

Сподели