„Слепци“ на Турскиот театар не е само одлична претстава, туку и повик да нѐ останеме затворени во темнината на едностраноста, туку да се охрабриме за едно поотворено, покомплексно и послободно разбирање на себеси и на другиот. „Слепци“ нѐ предупредува дека современите конфликти и миграции честопати произлегуваат токму од закоравени и искривени сфаќања за идентитетот.
Пишува: Звонко Димоски
Претставата „Слепци“ на Турскиот театар – Скопје, во режија на Ќендрим Ријани, претставува современо, иновативно и исклучително емоционално сценско дело кое вешто ги обединува класичните и модерните театарски изрази. Истовремено, нѐ предизвикува да се соочиме со значајни теми како што се идентитетот, различноста, неизвесноста, заедничкиот живот и егзистенцијалната несигурност. „Слепци“ беше мојот апослутен фаворит на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, а истата го освои и највисокото признание од публиката, која ѝ додели максимални 5.00 поени, за првпат од кога е возобновена оваа награда на фестивалот.

Ова сценско дело е адаптација на драмата „Слепци“ (1890) од Морис Метерлинк и на есеистичката книга „Погубни идентитети“ (1998) од Амин Малуф. Низ нарацијата за единаесет слепи ликови, се отвораат симболични и внатрешни патишта на индивидуално и колективно самооткривање, уверливо покажувајќи колку штетни можат да бидат апсолутизмите на идентитетите кои истрајно и изолирано се обидуваме да ги живееме. Адаптацијата и целата изведба носи јасно изразена мултикултурна димензија, нагласувајќи ја улогата на меѓуетничката комуникација, разбирањето и нашето соочување со вистината за исчезнатиот хуманизам. Режисерот Ријани создава инклузивна атмосфера во која гледачот не е само набљудувач, туку активен учесник во процесот на преиспитување на сопствените уверувања. Ријани е еден од ретките режисери во земјава којшто повторно успева да воспостави директен дијалог со множествата од идентитети и наметнати проблеми во заедничкото општество, отворајќи простор за длабоко рефлексивно размислување за сопствениот идентитет, меѓучовечките односи и нашето место во поширокиот општествен контекст.

Драмата „Слепци“ на Метерлинк претставува едно од најрепрезентативните дела на симболистичката драма. Најчесто, оваа драма привлекува режисери кои се фокусираат на визуелната и звучната поетика, и е чест предмет на авангардни, минималистички или политички интерпретации. Од друга страна, книгата „Погубни идентитети“ на Малуф се занимава со прашањата на идентитетот, културните конфликти и мултикултурализмот. Најтесната врска помеѓу двете дела лежи во нивниот заеднички фокус на човечката изолација, дезориентација и опасноста од ограничени, затворени идентитети.
Ријани, познат по рушењето на границите меѓу сцената и публиката, меѓу театарот и филмот, меѓу стиловите и жанровите, работејќи на „Слепци“, успешно нарушува уште една класична конвенција на симболизмот, односно онаа што Питер Брук ја опишува како „тишина што зборува“. Тука, се случува токму спротивното. Ријани и врвната екипа на Турскиот театар создаваат сценско дело што не бара, и не нуди, акција во традиционална смисла, туку гради атмосфера преку симболи и сензации, поштедувајќи го гледачот од класични конфликтни структури. Клучната тема е веднаш препознатлива – егзистенцијалната несигурност. Слепилото е метафора за човечката беспомошност, духовната и интелектуалната дезориентираност, а не само физичка состојба. Времето е замрзнато, присутно е чувство на вечна пауза. И покрај тоа што ликовите зборуваат, тие често не комуницираат меѓусебно, односно нивните реплики функционираат како внатрешни монолози исполнети со страв, интуиција и празнина. Минималната сценографија и костимите на Медина Хоџа и Маја Ѓуреска се едноставни, студени и празни, и совршено ја отсликуваат внатрешната состојба на ликовите.

Ријани маестрално ја спојува симболистичката драматургија на Метерлинк со ангажираниот хуманистички дискурс на Малуф, создавајќи полифон јазичен и културен контекст. Академските есеи на Малуф, раскажани преку личните приказни на ансамблот, пресечени со строгата структура на Метерлинк, создаваат моќен и автентичен театарски хибрид кој директно влијае врз гледачот, но и врз реалниот социокултурен соживот во Македонија. Концептот и маестралната актерска игра, во целост, и многу болно, ја сликаат идејата за Малуф за отворен и хибриден концепт на идентитети, каде што луѓето го прифаќаат своето сложено наследство и разнородни влијанија.
Како и во „На дното“ (Битолски театар), Ријани и тука им дозволува на актерите да ги внесат сопствените животни искуства во структурата на претставата. Овој пристап, иако чест во современиот македонски театар, тука не се користи како начин за дополнување на драмскиот материјал, туку како суштински наративен и актерски дел од крајната реализација. Ретки се примерите каде што се постигнува таква рамнотежа помеѓу автобиографската искреност и драматуршката кохезија, без нарушување на колективниот сценски јазик. Во „Слепци“ оваа рамнотежа е беспрекорна, како што е беспрепокорна и колективно раскажаната приказна, на која неучтиво е да ѝ се најде било каква забелешка.
Во јадрото на претставата постои извонредна и свесно изградена тензија помеѓу сценската „празнина“ карактеристична за симболизмот на Метерлинк и полнокрвноста на документарните, автобиографски гласови што се внесени преку брилјантната актерската игра на Вујошевиќ, Самет, Даци, Акбелге, Али, Сезаир, Ибрахим, Таир, Халил, З. Али, Радончиќ и Јакуповиќ.

Токму во тој судир се создава и најголемата уметничка енергија на претставата – во можноста европскиот симболизам да биде „пробиен“ и дополнет со една локална, балканска, но универзално човечка вистина. Ријани свесно ја користи сценската празнина и умешноста на своите актери како простор за вкоренување на интимни искуства, со што успева да отвори дијалог помеѓу фикцијата и реалноста, театарот и животот. Во време кога светот сè повеќе се повлекува во индивидуализам и културна изолација, колективната игра на ансамблот добива димензија на чин на отпор. Таа станува уметничка манифестација на можноста за заедништво, солидарност и креативна коегзистенција. Театарот, преку вакви процеси, не само што нуди модел на заедничка креација, туку и претставува платформа каде што можат да се артикулираат нови, послободни и поотворени форми на идентитет. Преку телата, гласовите и личните сведоштва на актерите, во „Слепци“ се отвора реален простор за преиспитување и надминување на токму оние „погубни идентитети“ за кои зборува Амин Малуф – оние кои нѐ затвораат во рамки и нѐ одвојуваат од другите.

Актерската игра во „Слепци“ е суштинска движечка сила на целата претстава – не како средство за индивидуално истакнување, туку како чин на заедничко постоење. Претставата е преполна со емотивно заситени слики, кои од самиот почеток бараат целосна телесна и духовна присутност од актерите. Во процесот на создавање, слепата присутност станува метод – начин преку кој актерите не само што ја слушаат тишината на другиот, туку ја претвораат во платформа за заедничка игра. Од поединечната улога се преминува кон колективната присутност, изграденa преку доверба, движење, слушање и емпатиско реагирање. Во нивната изведба доминираат телото, слухот и интуицијата, а сцената се гради преку ритамот на здивот, чекорите, паузите, и преку внимателната, скоро ритуална поврзаност со партнерите. Оваа внатрешна навигација создава сценски јазик кој не секогаш се потпира на логиката или структурата, туку на чувствувањето и поврзаноста. Во „Слепци“, секој лик го прежувува својот пат, но секогаш е дел од заеднички преживувана криза. Секој лик е клучен, бидејќи никој не доминира, а прашањето што постојано одекнува во процесот е „Каде/кога завршува моето, и каде почнува туѓото?“ – не е само реторичка мисла, туку конкретен актерски предизвик. Така, актерите не се носители на готови улоги, туку активни создавачи на заеднички свет, во кој индивидуалното јас е истовремено и глас на колективот. Претставата се движи како здив, како телесен пулс на група луѓе кои трагаат, не со очите, туку со целото битие.
Токму затоа „Слепци“ не е само одлична претстава, туку и повик да нѐ останеме затворени во темнината на едностраноста, туку да се охрабриме за едно поотворено, покомплексно и послободно разбирање на себеси и на другиот. „Слепци“ нѐ предупредува дека современите конфликти и миграции честопати произлегуваат токму од закоравени и искривени сфаќања за идентитетот. Ни опишува дека доколку идентитетот се користи како единствена основа за групна припадност, кога човек е присилен да се идентификува само со една компонента, таа редукција ја затвора личноста, ја оддалечува од другите и ја сведува на „со години сме живееле заедно, а како да не сме се виделе“.
Фото: МТФ „Војдан Чернодрински“/Елена Мелончели





