Четиригодишен проект за заштита на Преспа финансиран од ЕУ

Подлабоко разбирање за еколошките комплексности во Преспа и мотивација на пошироката јавност да се вклучи во нејзината заштита се цели на проектот „Преспа – Зелена и сина иницијатива: Зајакнување на заштитата преку истражување, едукација и комуникација“, финансиран од Европската Унија во рамки на програмата „ЕУ за Преспа“. Проектот ќе го имплементира Македонското еколошко друштво, а минатата недела беше п започнува со имплементација на претставен во преспанското крајбрежно село Езерани. На настанот присуствуваа евроамбасадорот Михалис Рокас, постојаниот претставник на УНДП, Армен Григоријан, градоначалникот на Општина Ресен, Јован Тозиевски и извршната директорка на Македонско еколошко друштво, м-р Робертина Брајаноска заедно со претставници на повеќе јавни институции, невладини организации и локални жители.

Проектот предвидува реализација на обемна програма составена од активности распоредени во четири клучни области: едукација, истражување, заштита и комуникација. Имплементацијата на проектт ќе трае четири години.

– Инспирирани сме од децениското локално искуство во Преспа поврзано со истражувањето на природните екосистеми, подигнувањето на свеста, напорите за едукација, воспоставената соработка со заштитените подрачја. Јакнењето на капацитетите на заштитените подрачја за да можат да ги исполнуваат предвидените мерки во плановите за управување, како и едукацијата на најмладите и подготовката на нови млади лидери кои би се залагале за зачувување на регионот, е особено важно за обезбедувањето одржлива иднина за ова подрачје – објаснува Брајаноска.

Рокас, Тозиевски и Григорјан активно учествуваа на собирот во Езерани, каде што еко-активисти и претставници на Општина Ресен дискутираа и презентираа предлози за почист и поатрактивен Преспански регион.

Заедно со Македонското еколошко друштво, партнери во реализацијата на проектните активности се Општина Ресен, Националниот парк „Галичица“, Друштвото за заштита на Преспа од Република Грција (SPP) и Друштвото за заштита и зачувување на природната средина во Албанија (PPNEA) од Република Албанија. Проектот ќе се реализира во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија и Националниот парк „Пелистер“.

Македонското еколошко друштво (МЕД) е здружение на граѓани основано во 1972 година, активно во областа на екологијата и заштитата на животната средина. Мисијата на МЕД е да ги заштитува природата и животната средина преку проширени знаења и граѓанска вклученост.

Сподели