Во „Матица македонска“ на Булеварот на книгите (бул. „Св. Климент Охридски“) во Скопје вечерва во 19 часот ќе се одржи промоција на книгата „Час по незадолжителна лектира“ од универзитетската професорка и книжевна критичарка Весна Мојсова-Чепишевска. Модератор на настанот и промотор на книгата ќе биде Душко Крстевски.
– Станува збор за прва книга за македонскиот роман во 21. век и за издание со иновативна структура што е прво од ваков формат објавено кај нас. Претходно, во одделна монографска публикација претставени беа критичките согледби за македонскиот роман само до 2000 година, со книга на Христо Георгиевски, додека Мојсова-Чепишевска целосно се осврнува на романи создадени во периодот потоа, доминантно во периодот од 2020 до 2023 година. Во книгата остварена е критичка опсервација и воопшто на творештвото на македонските романсиери со активен опус што е од суштинско значење за македонската книжевна продукција последните години. Критички се опфатени романи на: Оливера Николова, Божин Павловски, Паскал Гилевски, Блаже Миневски, Венко Андоновски, Томислав Османли, Лидија Димковска, Калина Малеска, Петар Андоновски, Фросина Пармаковска, Живко Грозданоски и Дијана Петрова, а во дел од книгата, Мојсова-Чепишевска се осврнува и на дело од Влада Урошевиќ.
Меѓу опфатените романи, повеќето се добитници на престижни признанија: „Роман на годината“ и/или наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија, при што критичките осврти на Мојсова-Чепишевска датираат од периоди пред наградувањето, при што во голем дел претставуваат и први напишани, односно објавени критики за конкретните прозни остварувања.





