„Калигула“ е жив доказ дека еден театар не е зградата каде што се креираат претставите. Театарот се луѓето внатре, уметничкиот и техничкиот сектор заедно. Со „Калигула“ секој еден од екипата порасна и професионално и приватно за неколку нивоа. Секоја потешкотија и немањето услови за работа само нè натера да ги преминеме границите на креативност кои реално луѓето сами на себе си ги наметнуваат – вели актерот од Кумановскиот театар.
Малку се претставите во продукција на Кумановскиот театар во кои не игра актерот Марко Трајковиќ. Во последните повеќе од 10 години со сета жар и посветеност остава печат врз културата на овој град што ќе биде запаметена. Талентот е повеќе од очигледен, ама работата уште повеќе. Улогата на Калигула му беше желба која неодамна режисерот Ѓорѓи Ризески му ја оствари. Следните изведби на претставата се на 5 и 26 јуни.

Тешкотиите и таа „шизофренија“ од менување ликови секако дека си носи своја тежина, но тоа е тежина која со најголемо задоволство ја носам гордо. Слободно можам да кажам дека после толку години на сцената таа „тежина“ СУМ јас, приватно и професионално. Од овие 13 години на сцена во мојот театар можам само да ја издвојам сезоната пред коронавирусот, каде што во еден месец имав 9 наслови во еден месец на репертоарот! – вели Трајковиќ.
Марко има уште некој испит за и формално да стане актер со диплома на Факултетот за драмски уметности во Скопје, а дотогаш, неговото работно место е воведувач на публика.

„Калигула“ е Вашата последна премиера. Тоа е претстава и насловна улога во која вложивте многу, која можеби е кулминација – ваше актерско обележје во последните десетина години. Рековте дека Ви е посакувана улога. Ви се средија ли импресиите по неколкуте изведби?
– „Калигула“ е мојот сон веќе 5 години. Имам чувство како сè уште да сум во процесот, за мене Калигула сè уште трае. Кога прв пат пред публика се спушти месечината за крајот на претставата и го слушнав првиот аплауз срцето ми застана. Првата мисла што ми помина низ глава беше: „Готово е? Што сега? Кој сум јас од тука, па натаму во животот, ако Калигула заврши?. Толку љубов, толку труд и жртва и сега е готово.“ Доста време ќе ми биде потребно да се навикнам само да уживам во изведбите и резултатот што го постигнавме.

Каков Ви беше самиот процес на создавање на улогата и на претставата, воопшто? Ова е текст и улога што бараат голем физички и емотивен влог.
– Физички, психички и емотивно, дефинитивно најтешко нешто што сум го направил во кариерата, а и во животот. Самиот физички тренинг траеше скоро 11 месеци, да ја добијам формата и кондицијата потребна да се изигра нашиот Калигула. Буквално парчиња од мене и од мојата крв веќе се составен дел од самата сценографија на претставата. Ова прашање сепак мислам дека најубаво ќе биде одговорено кога ќе излезе филмот Becoming Caligula во режија на Емил Пачковски, каде што е опфатена целата подготовка и мотив за креација на ликот и претставата. Генерално Becoming Caligula е мојата животна приказна и сите падови и потешкотии кои ги поминав за да стигнам до тука, почнувајќи од желбата за актерство, загинувањето на мојот татко во хелихоптерската несреќа во Струмица 2014 година, неговото влијание врз мене, пристигнувањето на мојата ќерка Луна во мојот живот, осаменоста, разводот, тетовирањето и низа други случувања што ме донесоа до тука.

Сметате ли дека ваков тип на претстава го издигнува Кумановскиот театар на едно повисоко скалило, со оглед на тоа дека во последните неколку години тече реконструкцијата на театарската зграда и реално е поднамалена продукцијата?
– Да, дефинитивно „Калигула“ ќе нè мрдне од дното каде што веќе неколку години се навикнавме да талкаме како театар. „Калигула“ е жив доказ дека еден театар не е зградата каде што се креираат претставите. Театарот се луѓето внатре, уметничкиот и техничкиот сектор заедно. Со „Калигула“ секој еден од екипата порасна и професионално и приватно за неколку нивоа. Секоја потешкотија и немањето услови за работа само нè натера да ги преминеме границите на креативност кои реално луѓето сами на себе си ги наметнуваат. Со „Калигула“ ги скршивме изговорите, а воедно и самите ограничувања кои се веќе неколку години вдомени во самиот ансамбл. Сакам што повеќе луѓе да го погледнат резултатот кој произлегува само од тешка работа, голема жртва и огромна љубов кон ова што го работиме.
Со режисерот Ѓорги Ризески соработувавте и на претставата „Нерон“ пролетта 2023 година. Уште еден историски лик, актерски голем залак. Колку беше клучна соработката со режисерот Ризески за да ги доловите овие големи ликови?
– Ѓорѓи пристигна во Куманово во 2019-та година да работи на претставата „Бегалка’’ по повод 500 години Куманово. Тогаш ни беше првата средба на сцена. Мислам дека во истиот момент знаевме дека таа претстава е само почеток на нашата понатамошна соработка. Веднаш по тој проект му спомнав за мојот порив и идеја да се работи „Калигула“, а тој веднаш прифати. Еден актер и еден режисер кои сè уште се бараат самите кои се на професионално ниво, кои допрва треба да растат. Ѓорѓи беше тој што одлучи дека ни се потребни неколку различни проекти заедно со цел нашата комуникација на сцена да стигне до највисокото ниво возможно. Од „Бегалка“ продолживме со „Хеда Габлер“ во Скопје, па „Власт“ во Штипскиот театар, па „Нерон“, исто така во Скопје, и стигнавме до нашиот „Калигула“. Посакувам секој актер да може да комуницира со своите режисери на тој степен како што комуницираме јас и Ѓорѓи, приватно и професионално. Апсолутна синхронизација на креативност и живеење во проектите од кои што сме дел заедно.

Речиси нема претстава на репертоарот на Театарот во Куманово во која не играте. Во колку претстави поточно играте во оваа театарска сезона? Претставува ли тоа товар за еден актер за потребата од трансформација и влегување од улога во улога?
– Во оваа театарска сезона, како и во сите претходни, скоро нема претстава во мојот матичен театар каде што не учесвтвувам. Веќе ми е 13. година во театарот откако почнав да играм и можам да кажам дека во тој период немам играно само во четири претстави. Конкретно оваа сезона сум дел од „Како што сакате“ на Срѓан Јакаќиевиќ, „Дедо мраз во веселата шума“ на Кети Дончевска-Илиќ, „Смрт и девојка“ на Мирослав Петровиќ и сега „Калигула“ на Ризески. Играњето претстави и создавање на истите никогаш не може да биде „товар“ за актер кој е вљубен во сцената. Тешкотиите и таа „шизофренија“ од менување ликови секако дека си носи своја тежина, но тоа е тежина која со најголемо задоволство ја носам гордо. Слободно можам да кажам дека после толку години на сцената таа „тежина“ СУМ јас, приватно и професионално. Од овие 13 години на сцена во мојот театар можам само да ја издвојам сезоната пред коронавирусот, каде што во еден месец имав 9 наслови во еден месец на репертоарот!
Играте и во други театри. Сметате ли дека актерите треба многу повеќе да се движат и да ги има на повеќе сцени, да има размена на енергии, како придобивка и за актерите, но и за публиката, да има можност да искуси и друга актерска естетика?
– Дефинитивно е потребно ансамблите на националните театри на неколку години да добиваат освежување. Многу убава пракса би било кога соработката помеѓу театрите би било нешто нормално кај нас. Секој нов член во една претстава носи со себе нешто уникатно кое може само да придонесе за зголемување на квалитетот на театарските продукции. За жал, ова не функционира баш така во нашата држава, а придобивките би биле многу големи кога би функционирало.
Веќе почнавте нов проект. Се подготвува претстава за Денови на комедија. За што станува збор?
– Оригиналниот наслов на текстот е „Разбуди се Кате“, но сега за сега со екипата сè уште одлучуваме дали ќе го задржиме истиот. Кога се работи проект за Денови на комедија, кумановци веднаш со нетрпение бркаат луѓе поврзани со театарот да набават некоја карта повеќе, иако за претставата (која и да е) едвај започнала и со читачки проби. Тие веќе си знаат дека, на некој начин ги навикнавме дека конкретно тие комедии нема да ги разочараат. Кога би го имале истиот интерес за кој било друг проект што го работиме, ние како театар мислам дека би биле најпосетуваниот театар на Балканот и тоа само од домашната публика. Очекувањата се секогаш огромни, но за среќа, од година в година и ние самите стануваме подобри во испорачувањето на истите. Се надевам дека и оваа година ќе биде исто. Ние како екипа максимално ќе се потрудиме тоа да биде така. Претставата што ја подготвуваме ќе биде нешто налик на класичен водвиљ, со брзи промени, брзо темпо и динамика, нешто што со сигурност ќе ги задоволи уживачите на овој жанр во театарот.





