Изложбата „Помеѓу просторот и местата“ во Отвореното графичко студио во Скопје

Во Отвореното графичко студио при Музејот на град Скопје вечерва во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Помеѓу просторот и местата“, камерна поставка на трите уметнички-учеснички на уметничката резиденција Скопје, Македонија/Сент Антиоко, Сардинија, Италија. Ќе бидат претставени дела од Мила Добревска, Аница Китановска и Ангела Савевска. Организатор на изложбата е Гордана Велков, историчарка на уметност од Здружението „Македонида“.

Според неа, уметничката резиденција меѓу Италија и Македонија е релација во потрага на размена и соработка на млади уметници од овие двете земји, поточно од Скопје и од Сент Антиоко на истоимениот остров на Сардинија.

– На оваа втора резиденција, различните географски места се теми и содржини на културните и социјалните простори како вредности во уметничката креација и размена на искуства помеѓу уметниците од двете страни. Просторот и местата се заедничките точки кои го спојуваат менталитетот и современото живеење кај нив и кај нас. Мултимедијалната слика на различни уметнички медиуми и техники на оваа уметничка резиденција ја потврдува уметничката практика и креативноста на учесниците, која е спој на нови медиуми во визуелните уметности, перформансот и современиот танц, фотографијата и уметничкиот филм, сликата, релјефот, поезијата, скулптурата, мозаикот и текстилот – вели Велков.

Изложбата ќе биде отворена до 23 јуни, а е поддржана од Министерството за култура и туризам.

Сподели