Отворен е конкурсот за „Драги“ – наградата за најдобар превод на македонски јазик

Отворен е конкурсот за наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“. Наградата е востановена за да се направи вреднување на преведувачката дејност во Македонија и да се истакне вредноста и важноста на преведувањето за нашиот културен простор. За наградата може да конкурираат прозни книги во превод на македонски јазик објавени во меѓу 1 јули 2024 година и 30 јуни 2025 година. Наградата се состои од плакета и статуетка „Драги“ и паричен дел од 40.000 денари.

– Објавените книги мора да бидат преведени од оригинален јазик, а може да се конкурира со дела преведени од „живи“ и од класични јазици (арапски, старогрчки, санскрит и латински јазик). Наградата до минатата година се доделуваше за превод на дела од сите книжевно-уметнички видови: проза, поезија, книги за деца и драма. Со цел порамноправен мериторен систем и соодветно вреднување на различните предизвици што секој книжевен вид го поседува, од годинава ќе се воведе приоритетна категорија која ќе се менува секоја година. Оваа година приоритетна книжевна категорија ќе биде прозата (фикцијата) и ќе опфаќа: романи, збирки раскази, есеистика, дневници и слично – велат организаторите.

Право на номинација за наградата имаат издавачки куќи, здруженија на граѓани и преведувачи. Секоја издавачка куќа или здружение на граѓани имаат право да номинираат најмногу пет книги, а секој преведувач има право да номинира најмногу две книги. Конкурсот е отворен до 1 јули 2025 година.

Номинираните книги може да бидат објавени во хартиена форма или како електронски изданија и мора да имаат CIP-запис од Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ од Скопје. Книгите објавени во хартиена форма треба да се достават во четири примероци на адресата на издавачката куќа „Антолог“ (улица „Ѓорѓи Пулевски“ број 29, локал 1), а електронските изданија во електронска форма на имејлот redakcija@antolog.mk.

Доставените преводи ќе ги оценува тричлена комисија составена од преведувачи, писатели или книжевни критичари. Годинашното издание на наградата „Драги“ е реализирана од страна на издавачката куќа „Антолог“ со поддршка на Министерството за култура и во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје.

Сподели