Концерт на хрватскиот Ансамбл за народни игри и песни „Ладо“

Во Националната опера и балет во Скопје вечерва во 19.30 часот концерт на народни игри ќе изведе Ансамблот за народни игри и песни „Ладо“ од Хрватска. Гости на концертот ќе бидат претставници на нашиот ансамбл „Танец“. „Ладо“ ќе изведе програма со која публиката ја води на патување низ различни региони на Хрватска и други простори каде живеат Хрвати.

– Со темпераментна изведба на народни игри, различни видови на пеење и музички практики, инструменти, дијалекти и раскошен колорит на народни носии, „Ладо“ ќе ве понесе низ богатото културно наследство во кое со игри, песни и музика се создава фолклорна уметност со автентичен стил што „Ладо“ го негува и развива веќе 76 години – велат од НОБ.

Концертот е кофинансиран од министерствата за култура и медиуми и за надворешни и европски работи на Хрватска, со поддршка на македонското Министерство за култура и туризам.

Сподели