Завршна изложба на членовите на ликовното студио „Арс вивенди“

Во Домот на културата „Кочо Рацин“ – Скопје, во големата сала-сутерен, вечерва во 19 часот, ќе биде отворена завршна изложба на дела изработени од членови на ликовното студио под менторство на академскиот сликар и ликовен педагог Тони Шулајковски. Исто така, ќе бидат доделени дипломи за учебната 2024/2025 година.

Ликовното студио прославува дваесет години успешно работење, а студиото за креативно пишување, под менторство на Дијана Петкова ќе прослави десетгодишно постоење.

Во ликовното студио „Арс вивенди“ се изучуваат и се работи со повеќе техники коишто им овозможуваат на членовите на студиото да се изразуваат креативно. Оваа година на завршната изложба ќе бидат изложени дела работени во техниките: акварел, темпера, акрил на платно, цртеж со молив, фломастери, и дрвени боички.

Во студиото за кративно пишување, пак, се изучуваат книжевни техники за креативно изразување со зборови, коишто честопати се комбинираат со исти такви ликовни техники. Досега се отпечатени шест збирки изработени од членови на студиото.
„Насочи го сопствениот потенцијал во вистински правец“ е мото на двете студија коишто успешно ги насочуваат и им го покажуваат правецот на членовите на во ликовниот и книжевниот свет.
Тони Шулајковски, академски сликар и ликовен педагог, е роден во Скопје. Дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, Педагошки оддел насока сликарство во класата на проф. Ана Темкова во 1992 година. Член е на ДЛУМ од 1993 година.

Од учебна 1996/1997 година до денес работи како ликовен педагог во матичното училиште ООУ „Петар Поп Арсов“, од 2001-2021 и во ООУ „Аврам Писевски“, а од 2021 во ООУ „Војдан Чернодрински“.
Постдипломски студии – насока сликарство заврши на ФЛУ во класата на проф. Родољуб Анастасов во 2002 година.
Од 2005 работи со талентирани деца во приватното ликовно студио „Арс вивенди“ што го основа со Дијана Петкова.
Реализирал 56 самостојни, а учествувал на стотина групни изложби.

Награди:
* 2016 – Награда за сликарство – ДЛУМ
* 2013 – Награда – „Сликар на годината 2012“ Остен – Светска галерија на цртеж

* 2008 – Награда за сликарство – мал формат „Константин Мазев – Коце“
* 1992 – Награда за најдобар студент на педагошкиот оддел на ФЛУ – Скопје
Ликовен перформанс:
2013 – „Види музика, слушни слика, добиј книга“ – Градски парк – Скопје
2010 – „Трансцеденција“ – Културно лето – општина Карпош

Дијана Петкова е родена во Скопје. Дипломира на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на групата Македонски јазик со историја на книжевностите на југословенските народи. Досега издала десет книги. Нејзината поезија е застапена во повеќе поетски списанија, антологии, зборници и е-збирки. Сите нејзини промоции на книги се проследени со изложби на слики, акварели, графики, уметничка фотографија, дигитална графика и
музика.
Сопственичка и основачка е на креативниот центар „Арс вивенди“, а ставила авторски потпис на четири самостојни изложби, една во Домот на култура „Кочо Рацин“ и три на платформата artsteps. Учествувала во десетина групни изложби. Од јануари 2024 година работи во училишната библиотека на ООУ „Војдан Чернодрински“ како стручна соработничка.

Сподели